Не се знае дали Макрон и Меркел разговарале за датумот за преговори за Македонија


Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел вечерва во Париз имаа работна вечера, на која според најавите меѓудругото требаше да разговараат и за отворањето преговорите на Европската Унија со Северна Македонија, откако германскиот Бундестаг даде зелено светло за тоа.

Работната вечера на претседателот Емануел Макрон и канцеларката Ангела Меркел е пред се посветена на подготовката на идниот заеднички состанок на француската и германската во Тулуз во предвечерието на европскиот самит во Брисел. На менито многу отворени прашања: Брегзит, назначувањето на европската комисија и турската воена интервенција во Сирија, јавува дописникот на МИА.

Двајцата лидери непосредно пред вечерата се осврнаа на офанзивата на Турција против курдските сили во Сирија, која, како што рече Макрон пред Меркел вечерва во Селисејката палата „најверојатно ќе создаде неодржлива хуманитарна ситуација и ќе и помогне на групата Исламска држава повторно да се појави во регионот“. 

За тоа дали вечерва се разговараше и за датумот за преговори за Северна Македонија не успеавме да дознаеме. Според дипломатските извори од Брисел, Франција е единствената која смета дека „Северна Македонија не ги исполнува потребните услови“ за почеток на преговорите. Ставот на Емануел Макрон е изолиран, бидејќи пред осум дена четворицата први луѓе на европските институции повикаа во заедничко писмо за започнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Ова одбивање предизвикува незадоволство кај европските дипломати, кои го обвинија Париз дека ја загрозува стабилноста на Балканот, за чија стабилност Париз официјално се залага. Ова уште повеќе што на два пати ЕУ одлучи да го одложи започнувањето на преговорите.