Не се точни информациите дека велешанката починала пред еден месец


По наодот дека велешанката, која со својот син беше пронајдена мртва во нивниот дом пред два дена, е позитивна на коронавирус, Министерството за здравство информира дека ја проширува истрагата во која се вклучуваат повеќе институции, посочувајќи дека информациите оти тие биле починати повеќе од еден месец не се точни.

Министерството за здравство соопшти дека денеска во Институтот за јавно здравје се прави уште една анализа на материјалот кој е земен од трахеата за да се потврди позитивниот резултат на коронавирус.

Според Министерството, што се однесува до останатите првични информации за случајот, засега се знае само дека жената била сигурно почината повеќе од една недела.

– Резултатите од обдукцијата, кои ќе бидат готови во текот на следната недела, треба да откријат во кој период таа починала. Информациите кои вчера ги пренесоа дел од медиумите дека биле починати повеќе од еден месец не се точни и се чекаат конечните анализи, наведува Министерството.

Во истрагата на овој случај се вклучуваат експерти од судска медицина, МАНУ и тимот на епидемиoлозите од Институтот за јавно здравје.

– За случајот ќе биде известена и Светската здравствена организација која доколку има потреба ќе се вклучи со поддршка, додава Министерството за здравство во соопштение.