Не се пропаднати шансите да се изградат велосипедските патеки во Битола
БИТОЛА – До почетокот на градежната сезона, пролетта 2024 година, има простор мнозинството во битолскиот Совет да прифати да се направат велопатеките во Битола со европски пари, во спротивно, проектот ќе пропадне, а со тоа и 400 илјади евра пари што Европската делегација ги дава за ваквата инфраструктура во должина од над 5 километри. Ако проектот пропадне, тоа за Општина Битола може да значи негативна референца за европски проекти и неможност во наредните години да добива средства за проекти финансирани од ЕУ.
Градоначалникот Тони Коњановски, давајќи отчет за две години работа на чело на локалната самоуправа во Битола каже дека има уште неколку месеци надеж, до почетокот на градежната сезона 2024 година, за да се отпочне со изградба на велоинфраструктурата во Битола, ама само доколку Советот на Општина Битола, односно мнозинството составено од СДСМ, „Поинаку“, ДУИ, ДОМ да дозволат кофинансирање на проектот со пари од општината.
Проблемот меѓу општината и мнозинството настана околу прашањето да се реновира објектот „Парк“ кој е во непосредна близина на Офицерскиот дом во Битола или според пренамената на проектот овозможен од Делегацијата на ЕУ во Скопје да се изградат велопатеките.
Договорот за проектот „Смарт4ју2“ е со важност до февруари 2025 година и дотогаш треба да се реализираат активностите, иако европските проекти дозволуваат и продолжување на роковите.
„Велосипедските патеки кои Советот ги внесе во развојната програма сѐ уште имаме можност да ги реализираме преку европскиот проект ‘Смарт4ју2’. Објективно можност за да се реализираат велопатеките ќе биде идната градежна сезона. Во спротивно, Општина Битола може да добие негативна референца од Европската унија за проекти, ќе ја изгубиме довербата како несериозна општина. Парите ќе пропаднат. Затоа апелирам да ги ставиме суетите и да овозможиме со европски средства Битола кончено да добие велопатеки“, рече Коњановски напоменувајќи дека како локална власт сепак не ја отфрлаат можноста да се реконструира и објектот „Парк“ .
Коњановски вели дека како предлагач на новиот буџет за 2024 година ги испланирал сите проекти кои се приоритет за Битола, но дека е ограничен со развојната програма, поради измената поттикната од амандманите што ги доставија советниците од мнозинството, па како што вели „финансиската рамка морав да ја адаптирам на изгласаната програма.“
„Советниците со амандманите кои ги поднесоа и кои ги изгласаа како дел од развојната програма не оставија простор за распределба на доволно средства во буџетската рамка за тековни проекти, во повеќе области, како образование, спорт, социјална заштита. Исто така, за велосипедските патеки кои Советот ги внесе во развојната програма, сѐ уште имаме можност за реализација преку европскиот проект. На Битола и треба тартан патека, но многу побитни се проектите во училиштата и традиционалните културни манифестации“, рече Коњановски.
Проектот за изградба на велопатеките закочи во Советот и покрај тоа што Европската делегација во Скопје писмено им одговори на советниците дека нема да ја финансира реконструкцијата на објектот „Парк“. Во известувањето од Делегацијата испратено до претседателката на Советот, Габриела Илиевска и советниците, меѓу другото стои дека проектот за реконструкција на „Парк“ беше модифициран бидејќи општината немаше доволно средства поради поскапувањата на градежните материјали.
Пред Нова година се очекува нова седница на Советот на Општина Битола на која на дневен ред треба да се најде буџетот за 2024 година. (А.Б.)