Не се очекува драматичен скок на цените на бензините

Не се очекува драматичен скок на цената на бензините во вторник. Цените на суровата нафта на светските пазари почнаа да паѓаат, остана само загриженоста од евентуален одговор на нападот на постројките во Саудиска Арабија. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека ги следат варирањата на цените на суровата нафта, кои се големи.

„Имаме податоци само за два дена. Цените на нафтените деривати на светскиот пазар почнаа да се намалуваат, но премногу е рано што било да се каже. Го следиме и курсот на денарот во однос на доларот“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Но објаснува дека со методологијата за формирање цени нема заштитен механизам за случаи на неочекуван и висок скок на цената на суровата нафта.

„Каква било заштита може да прави државата преку интервенции во делот на акцизата“, појаснува Бислимоски додавајќи дека Македонија е регионално со најниски цени на дополнителни давачки на основната цена на бензините.

Од вторникот еуросупер 98 чини 69,50 денари за литар, еуросупер 95 чини 67,50 денари, а дизелот изнесува 62,50 денари.

Нападите со дронови во саботата уништија повеќе од половина од производството на нафта на Саудиска Арабија, што е пет проценти од глобалното снабдување со нафта и го намалија производството за 5,7 милиони барели на ден. Цената на суровата нафта „брент“ во понеделникот скокна за речиси 9 долари за барел, најголем раст од Заливската војна во 1991 година и достигна 69,02 долари за барел „брент“.

Ова предизвика најголемо нарушување на пазарите на нафта во последниве 50 години.

Цените на нафтата се „оладија“ во средата, откако Саудиска Арабија соопшти дека целосното производство на нафта ќе биде обновено до крајот на месецов, додека очекуваното намалување на каматните стапки на САД не дозволи големи скокови на финансиските пазари. Цената на нафтата „брент“ се „лизна“ за 0,26 проценти на 64,38 долари за барел. (А.С.)