„Не поднесувам оставка, го бранам Галското селo како Астерикс, но немам апетит како Обеликс“


Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека нема да поднесе оставка од сегашната функција и тоа, нагласи, е неговата конечна одлука.

По парламентарните избори тој најави собирање на мнозинството во, како што рече, своевиден „санитарен кордон против злото што ја снајде Хрватска во последните седум и пол години“.

„Галското село го бранам како Астерикс. Немам апетит како Обеликс, но го бранам галското село. Јас ги бранев институциите во текот на целиот мој мандат, граѓаните добро реагираа на тоа, според сите емпириски показатели“, Милановиќ. изјави во синоќешното интервју за загрепската телевизија N1.

Кога станува збор за првите чекори што би ги направило парламентарното мнозинство со него на чело, Милановиќ го истакнува прашањето за пензиите, кои наведува дека паднале, ако се погледне уделот на просечната пензија во однос на просечната плата. 

„Земјата се влошува. Ќе направиме сѐ пензиите да бидат 50 отсто од просечната плата“, изјави тој и дополнително најави длабинска анализа на финансирањето на медиумите од државниот буџет, бесплатно лекување во приватните клиники за пациентите со картичка за дополнително здравствено осигурување, која ќе биде услов лекарите од државните болници да можат да работат и во приватни, како и даноци за банките кои имаат огромни профити.

Појаснувајќи го терминот „Трета република“, Милановиќ вели дека се однесува на нови одлуки на Уставниот суд, кои ќе бидат „мирни и лукави“.

Тој додаде дека нема да се воспостави со револуција, туку со некои измени на Уставот.

Критикувајќи ја владата на Андреј Пленковиќ, Милановиќ рече дека „без прашање ја почитува секоја одлука на Европската комисија“.

Меѓу надворешнополитичките приоритети, тој го истакна статусот на Хрватите во Босна и Херцеговина и правото да избираат свој претставник во Претседателството на Босна и Херцеговина.

„Пленковиќ нѐ става во ситуација да бидеме малку кретени, да немаме свој став. Не ми се допаѓаат тие што постојано се против нешто, но во некои ситуации треба да се каже дека нешто не може да се направи“, рече Милановиќ.

Доколку стане премиер по парламентарните избори, неодамна избраниот главен државен обвинител Иван Турудиќ „сигурно ќе си замине“ од таа функција, изјави Милановиќ и повтори дека има доказ дека пред еден месец било пукано во автомобилот на новоизбраниот главен државен обвинител.

Сега, вели, во договорот било најавено дека Турудиќ ќе добие заштита.

„Имам докази дека е стар еден месец, го имам извештајот на полицијата од Вировитица, јас сум претседател на државата и добивам некакви информации без разлика на ХДЗ. Еден месец не виде дека има два куршуми  од револвер во неговиот автомобил? Кажи му го тоа на некој друг“, изјави Милановиќ.