„Не окреќи се, сине“- Шербеџија ја завршува годината со нов албум


Легендарниот југословенски и светски актер Раде Шербеџија, кој со култната улога на Александар во филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, пред повеќе од четврт век беше дел и од големиот меѓународен успех на ремек-делото на македонската филмска уметност, оваа чудна 2020-та година ја завршува со нов албум – „Ne okreći se, sine“, традиционално, во издание на најголемата регионална дискографска куќа „Croatia Records“.

Новиот студиски албум на легендарниот актер, поет и музичар е врвно музичко достигнување што ни доаѓа како подарок за крајот на оваа предизвикувачка година.

Најавен со хитот „Ето пјесме“ кој за него го напиша Хусеин Хасанефендиќ од „Парни ваљак“, Шербеџија албумот го сними со екипа одлични музичари. Паузата додека нема снимања на филмови овој голем уметник ја искористи за реализација на нов музички материјал.

На новиот албум, Шербеџија го остава и својот авторски потпис, посветувајќи му ја песната „Шехерезада“ на познатиот словенечки театарски режисер Томаж Пандур, за која аранжманот го создаде нашиот Диран Тавитјан. Предвремено заминување пред четири години ја погоди културната сцена на овие простори.

На албумот има и две соработки. Со Габи Новак и Матија Дедиќ во песната на Арсен, „Од како те не волим“, и „На нешто ме потсетува тој град“, која Раде Шербеџија ја отпеа заедно со авторот на песната – Дарко Рундек.

Насловната тема „Ne okreći se, sine“, Шербеџија ја напиша во 1989 година, а сега таа има нов аранжман.

„Шербеџија е сериозен феномен веќе со децении, па го искористи новиот албум Ne okreći se, sine, за да во шансониерски тон испрати важни пораки. Албумот, низ опуштената атмосфера и фино уредена музика има и неколку потемни песни, кои дополнително ја драматизираат сериозната ситуација.

Основниот впечаток по преслушувањето на албумот е дека Шербеџија не се збогува, туку им простува на другите, со низа песни кои рефлексивно гледаат на поминатиот пат. Понекогаш општо, понекогаш конкретно, но меѓу редови, има јасна порака за расчистување на сметките со зрелоста…“ – напиша во рецензија на албумот угледниот хрватски критичар Хрвоје Хорват.

После се – Шербеџија, кој пред неколку години на филмското платно го режираше култниот драмски текст „Ослободување на Скопје“ на Душан Јовановиќ, и со тоа остави уште еден белег во македонската филмографија, е како старо македонско вино. Што е постаро, тоа е подобро.

Како и песните на Раде Шербеџија. Како и албумот „Ne okreći se, sine“…

Фото: Жељко Копролчец
Насловната фотографија на албумот: Милица Czerny Урбан