Веројатно нема човек кај нас кој не дошол во допир со некој од производите на „Маркарт“, германска компанија која има современа фабрика во Велес, од каде што излегуваат најсофистицирани електронски производи кои што се вградуваат во светски познатите брендови на автомобили, вклучувајќи ги БМВ, „Ауди“, „Фолксваген“ и многу други. Приоритет се системите за електрични возила и сѐ она што се користи во нив како ултрасонични сензори, автоматски менувачи вклучувајќи го и ексклузивниот со Сваровски кристали наменет за лѕксузните БМВ-а итн.
„Независен“ беше дел од само неколкуте медиуми кои имаа можност да го видат целокупниот процес на производство, кое е целосно автоматизирано и роботизирано и се спроведува според најсовремените стандарди.
„Не мора да се замине од Македонија за да се работи по германски стандарди”, вели директорот на Маркарт Македонија, Јирген Шмит.
Во 2015 година, „Маркарт“ jа отвори својата фабрика во Велес, каде што се произведуваат автомобилски делови. Компанијата вработува 840 луѓе и за 10 години работењ во земјава инвестирала 76,5 милиони евра. „Маркарт“ е семејна компанија која е формирана како старт-ап од бизнисменот Јоханес Маркарт во 1925 година, а денес вработува 10.200 лица на 22 локации во светот.
Од Германската стопанска комора во земјава која ја организираа посетата, велат дека еден од најголемите предизвици во земјата е задржувањето на младите кадри и нивната мотивација да стапат на пазарот на трудот.
АХК Северна Македонија е дел од мрежата на 150 германски комори во 93 земји во светот и веќе 24 години ги следи потребите и предизвиците со кои се соочува стопанството во земјата.
Еден од клучните предизвици во изминативе години како за германските, така и за локалните компании е обезбедувањето на стручни кадри.
„Како АХК Северна Македонија заедно со германските инвеститори уште пред седум години направивме долгорочна анализа на предизвиците со кои тие може да се соочат во иднината и дојдовме до заклучок дека во земјата има потреба од воведување на дуално образование за обезбедување на стручни кадри. Успеавме во нашите намери и активно ја водиме програмата за дуално стручно образование по германски стандарди во седум градови, која повеќе од неколку децении е докажана како успешен модел во Германија“, вели Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија.
15 компании се партнери на АХК Северна Македонија во програмата за дуално стручно образование по германски образец.
Една од нив е германската инвестиција „Маркарт Македонија“, која успешно ја гради својата приказна една деценија во Велес.
Компанијата произведува ултра модерни компоненти за врвни брендови на автомобили, производството е на највисоко технолошко ниво и во голема мера роботизирано. Целата фабрика и административна зграда се направени по сите највисоки стандарди, оваа германска инвестиција е одличен пример дека и во Северна Македонија може да се работи на атрактивни работни позиции.
„Среќни сме дека денес сме тука и дека може на јавноста, а пред сѐ на младите кои се подготвуваат за пазарот на трудот, но и на нивните родители, да им ја пренесеме пораката дека и дома може да се работи по германски стандарди, условите за работа се како во компаниите во Германија, каде има грижа за вработените, и притоа тие имаат можност да градат кариера и да напредуваат.
Знам дека многу млади луѓе во Северна Македонија сонуваат да одат во Германија, без да имаат реална слика за тоа што ги очекува таму и без воопшто да му дадат шанса на македонскиот пазар на труд или воопшто да истражат какви атрактивни можности за професионален развој можат да најдат во својата земја, одличен пример за добри работодавачи се германските инвеститори, еден од нив е и компанијата ‘Маркарт Македонија’.
Речиси една година сум во земјата и посетив голем број на германски инвестиции, но и локални компании и она што го видов кај нив е дека навистина се трудат да им овозможат подобри услови на вработените. Сметам дека овој тренд со сѐ поголемиот број на инвестиции и во иднина ќе расте.
Понекогаш Германија е поблиску отколку што мислиме“, вели Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, Албанија и Косово. (М.Ј.)