Не ми значи… ми значи… не ми значи – како Мицкоски го менува ставот за Пендаровски


 

Едно интервју и изјавата „немам никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано“, повторно го трансформира претседателот на државата во очите на Христијан Мицкоски во „поданик“.

Пред неколку дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „морам да признаам дека после подолго време за прв пат можеби сме на иста бранова должина со Пендаровски“, откако претседателот во интервју на „Фокус“ изнесе идеја како би можело да биде прашањето на евентуалниот референдум. Пред неколку дена Мицкоски велеше дека размислувал на Извршниот комитет да му предложи слично референдумско прашање како она што го спомена Пендаровски, за денеска во интервју за Канал 5 да изјави дека „ставот на претседателот Пендаровски воопшто не ми значи“. Според Мицкоски, Пендаровски не бил државник туку поданик.

„Јас би бил разочаран од  став на човек чие што мислење ми значи. Имајќи во предвид дека ставот на претседателот Пендаровски мене воопшто не ми значи не можам да кажам дека сум разочаран, едноставно само го чекав денот кога ќе го направи ова салто мортале. Имајќи во предвид дека неговиот став воопшто не ми значи, можам да кажам дека не само што не сум разочаран, туку уште еднаш на отворена сцена пред граѓаните кажа колку погреши“, рече Мицкоски.