Не е важно дали била тепана Арсовска, за власта е важно кој ја поддржувал
МВР објави дека градоначалничката на Скопје ќе има 24-часовна заштита, додека од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат СДСМ дека ја спасувал нејзината кариера

Големата приказна за инцидентот со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, веќе почна да се префрла од полето за истрага за нападот врз неа во партиски обвинувања. Самиот факт дека еден функционер е нападнат, а при тоа е жена и мајка од поголема група луѓе во скопски Чаир се претвора во мизогониска политичка пресметка.
Владејачката ВМРО ДПМНЕ со партиско соопштение премина повеќе граници, обвинувајќи ја СДСМ дека ја спасувал кариерата на Арсовска. И дека тоа го правел заедно со бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев.
„Некогаш големата СДС се сведе заедно со Бугарија да бидат гумата за спасување на кариерата на Данела Арсовска.
И СДС во точно три случаи се јавува во јавноста за Данела. Првиот кога ја напаѓаше дека таа е неспособна и има бугарско државјанство. Вториот случај, кога во опозиција ја користеше за напаѓање на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. И третиот случај, кога заедно со Бугарите ја брани Данела. Скопјани ја препознаваат вистината и добро знаат што седи во позадина.
ВМРО-ДПМНЕ доследно и принципиелно повикуваат на расветлување на инцидентот во Чаир, но и на разгледување и надзор на случајот со дивоградбите“, велат од владејачката партија.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше лаконски воздржан: „Што се однесува за градоначалничката на Скопје, многу работи се кажани, не би имал што да додадам“. Не го ни осуди инцидентот.
СДСМ беше остар во реакцијата за инцидентот.
„Ова е длабоко криминализирана и авторитарна власт, која не бира средства за да го заштити криминалот и да ги заплаши оние кои сакаат да го откријат.
Со доаѓањето на ВМРО-МВРО на власт, во Македонија преку ноќ се појавија организирани криминални групи кои се чувствуваат недопирливи, затоа што се заштитени од власта.
Инцидентот вчера и срамното непостапување на МВР и Тошковски, беше порака до секој што ќе се осмели да зборува за криминал, да покаже злоупотреби, да посочи корупција. Порака дека ќе биде нападнат, натепан и замолчен.
Криминалците се длабоко инфилтрирани во институциите, тие го водат системот. Тоа го гледаме од првиот ден. Обезбедувачите на премиерот се главни тепачи, попречуваат акции за дрога, издаваат државни тајни на нарко кланови. Се случија преку 25 обиди за убиства и убиства за една година, се пука на секој чекор а Тошковски во интервјуа безочно лаже дека се намалил криминалот.
Вчера загина лице во Батинци во престрелка како на Див Запад. Како Тошковски може да тврди дека безбедноста е подобрена, кога имаме убиство на армиски службеник од лице со потерница? Како се случува лице со активна потерница да се движи слободно и извршува убиство?
Градоначалничката на Скопје со месеци открива криминал. Ова ја поткопуваше удобноста на мрежите што власта ги одржува во Чаир и во цело Скопје. На крајот ова заврши со физички напад дозволен од полицијата“, рече портпаролката на партијата Богданка Кузеска.
Таа нагласи дека има тиранија во државата. Полицијата е глува, правдата е парализирана, а законот служи за заштита на насилниците, а не на граѓаните.
Кузеска го соопшти ставот на СДСМ дека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, треба да си поднесе оставка, затоа што „немо стои и ги брани партиските бизнис интереси. Од надежен министер за една години стана извршител на мафијата и заштитник на криминалот“.
Поранешниот градоначалник на Центар и заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, ја прозва претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека требало прва да реагира на нападот на Арсовска, но таа, според него, ја избрала партиската послушност.
„Ако некој требаше прв да го осуди нападот врз градоначалничката на Скопје, тоа е претседателката на државата. Можеше и мораше да застане во нејзина одбрана, ако ништо друго, тогаш барем како жена која осудува насилство врз жени. Но, партиската послушност е очигледно поважна од моралот и етиката, на кои до вчера толку гласно се повикуваше професорката. Срамота!“, напиша Жерновски на Фејсбук.
Градоначалничката на Скопје, Арсовска ова утро упати нова порака до власта. На Фејсбук ја обвини власта дека се договриле вчера да кажат дека таа го нападнала мажот во Чаир. Ги прашува властите дали имаат срам.
„Вчера заседавале во штаб на состанок за справување со кризата ‘шефе ми текна, а да кажеме таа го тепала командантот на ОВК’. Смислиле ново сценарио, кога ќе имало пожари, да кажеле дека јас сум виновна ги организирам за да ја дестабилизирам државата. И со цел памет ова во пораки го пишувале по амбасадори да го најавеле планов кој го добиле од ‘сигурни’ разузнавачки извори. Срам имате ли, заедно со вашите сакани команданти од ОВК?“, пишува таа.
Се јави и Министерството за внатрешни работи, кое по вечернашните изјави на министерот Панче Тошковски дека можеби Арсовска го предизвикала инцидентот и таа го нападнала напаѓачот, соопшти дека градоначалничката на Скопје ќе биде чувана од полицијата 24 часа секој ден. Таквата одлука била донесена врз основа на оперативни сознанија и безбедносна проценка изготвена од Агенцијата за национална безбедност. Што значи дека безбедноста на Арсовска навистина е загрозена, како шта таа постојано тврди последниве неколку месеци.
Во соопштението МВР наведува неколку случаи кога била загрозена безбедноста на Арсовска и дека постапувало по нив.
„МВР во текот на денешниот ден поднесе кривична пријава против две лица по член 386 став 3 од КЗ, за вчерашниот инцидент за нападот на градоначалничката Арсовска.
Имајќи го предвид сето горенаведено, Министерството за внатрешни работи најостро ги отфрла сите обвинувања дека не постапува во случаите поврзани со г-ѓа Арсовска. Напротив, МВР професионално делува во секој поединечен случај, со целосна институционална транспарентност и во рамки на законски пропишаните овластувања“, соопштува МВР.
Министерството уште еднаш апелира сите јавни функционери да соработуваат со институциите на системот и да не ја користат јавноста или медиумите како единствен канал за известување за потенцијални закани, туку најпрво да се обратат до надлежните органи, со цел навремено и ефикасно постапување.