Не е убиство со умисла – туку самоодбрана: Жената што ги уби свекорот и сопругот во Кратово 13 години трпела ќотек


Акт на самоодбрана, а не убиство со умисла како што тврди Обвинителството, сметаат од Платформата за родова еднаквост за двојното убиство што го изврши жена во Кратово врз сопругот и свекотор, пред една недела.

Оттаму се повикуваат на соопштението на Обвинителството во кое се наведува дека на убиството му претходела вербална расправија, а оти потоа сопругот почнал физички да ја напаѓа осомничената, ја удирал со тупаници во главата и телото, а потоа почнал да ја дави
Крајно парадоксално е што жртвата на семејно насилство е гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство – реагираат од Платформата за родова еднаквост откако на 36-годишната В.И., која минатата недела ги усмрти сопругот и свекорот во семејната куќа во Кратово, Обвинителството ѝ одреди притвор наведувајќи дека се работи за убиство со умисла.

„Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело ‘убиство со умисла’, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение“, реагираат од Платформата за родова еднаквост.

Од Платформата се повикуваат на соопштението на Обвинителството во кое се наведува дека на убиството му претходела вербална расправија, а оти потоа сопругот почнал физички ја напаѓа осомничената, ја удирал со тупаници во главата и телото, а потоа почнал да ја дави. Жената потоа отишла до кујната и со кујнски нож го пробола сопругот, а потоа и неговиот татко.

„Оттука произлегува дека осомничената В.И. од Кратово самата била жртва на семејно насилство“, оценуваат од Платформата.

Постапувањето на Обвинителството, како што посочуваат од Платформата, многу наликува на случајот со Пале Иловска од Велес која, исто така, беше жртва на семејно насилство и како акт на самоодбрана го уби насилникот.

„Слично како во овој случај, и неа Обвинителството ја гонеше за ‘убиство на миг’. Судот тогаш правилно донесе ослободителна пресуда. Платформата за родова еднаквост бара Судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти. Иако судската пракса не е задолжителна, бараме Судот да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале. Особено треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани“, велат од организацијата.

Инаку, во случајот со В.И.,  жената која сега се наоѓа во притвор во Куманово, адвокатот Јанаки Митровски се понуди и да ја застапува во правната постапка.

Според постовите на Фриосина Горгиоска пак на Фејсбук, Вале е во притвор во Куманово заради двојното убиство на насилниците (сопругот и свекорот) кои 13 години секојдневно ја тепале.

„(Вале) Има родители и брат кои не се баш во некоја завидна финансиска ситуација и моментално се во преголем шок. Адвокат ѝ е доделен по службена должност, бидејќи сопствен не можат да платат. Но, борбата е и за децата. Тие се кај сестрата на сопругот тепач и психопат. Но, исто така и неговата сестра, каде што се децата учествувала во малтретирањето на Вале. Борбата е сега и за децата. Да се вратат на семејството на Вале, додека трае постапката за неа. Да не останат во фамилија на болни луѓе. Да може колку толку да имаат нормален живот, внимание и љубов од луѓе кои вистински ги сакаат“, пишува Горгиоска.

 

 

Таа и претходно објави долго сведоштво.

„Жената која ги убила сопругот и свекорот е од Скопје, мажена во Кратово 13 години, за алкохоличар со традиција. Тоа значи дека и неговиот татко, свекорот, бил алкохоличар, додека свекрвата исто така била на нивна страна, па понекогаш и таа удирала по неа со бастунот, ако дадела отпор на ќотекот. Жената, според изворот, е грижлива мајка, со превоспитани, уредни и средени деца кои се капацитет. Жената, која според изворот била тепана секој божји ден и која во сред лето одела со дуксер за да не и се гледаат модриците и така со години, од убава и здрава жена е претворена во парче месо од 40 кг. Бидејќи институциите не реагирале соодветно, секој пат кога сакала да замине, насилникот не и ги давал децата, а мајка, грижлива и полна со љубов, за децата да се со неа, избрала ќотек секој ден“, пишува Горгиоска.