Не е само наутро – метеж за вакцинација без закажување и на пладне


Фото: Б. Грданоски

Откако денеска почна вакцинацијата на граѓаните без закажување, пред сите вакцинални пунктови се забележува метеж, а граѓаните на високи температури чекаат надвор.

Пред Поликлиниката „Букурешт“, околу пладне, нашиот фотограф, забележа голема група луѓе, кои чекаат да има дојде редот да се вакцинираат. Облечени во светли алишта, со шапки на главите, чекаат на летната жега. Поставен е и шатор, но поради тоа што има многу луѓе, само малкумина можат да стојат на сенка. Чекаат млади луѓе, но повеќето се постари.

Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче, потврди дека во неколку пунктови е регистрирана гужва во утрински часови, бидејќи, како што претпостави, најверојатно граѓаните сакаат да се вакцнираат додека е поладно.

Но, сепак, метежот продолжи и во пладневните часови.

Фото: Б. Грданоски

„Мислам дека е добар систем да продолжиме без закажување за да биде што поголем интересот и пристапот за граѓаните во било кој дел од денот кога можат да дојдат и да не бидат вратени да се вакцинираат. Ќе разговарам со директорите од сите здравствени домови да видам како да се организира редот“, рече Филипче.

Во спортските сали, ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина. Во Скопје вакцинарање без закажан тремин, има во Поликлиниките „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Чаир“, како и во новоотворениот вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари.(Б.Б.)