Не е разумно да се мисли дека е можна друга компромисна формула, вели францускиот амбасадор
Сирил Бомгартнер вели дека граѓаните и партиите да бидат прагматични, „да се придржувате до фактите, до она што е конкретно напишано, и на крајот, да размислувате за конкретните последици од идните одлуки, а не за претпоставки“
Политичките партии се суверени; секоја има свои сопствени убедувања и сосема е легитимно партиите да ги имаат во предвид убедувањата на своите избирачи. Мислам дека ако се придржуваме до конкретната содржина на различните текстови што беа преговарани, а потоа и на оние за кои треба да се преговара во иднина, секој ќе биде во можност подобро да разбере за што станува збор. Мојата препорака е да бидете прагматични; да се придржувате до фактите, до она што е конкретно напишано, и на крајот, да размислувате за конкретните последици од идните одлуки, а не за претпоставки. Се работи за европската иднина на земјата, за иднината на новите македонски генерации. Дали тоа заслужува сериозна и длабока дебата, која на секого ќе му ја разјасни конкретната содржина на предлозите и ќе ги предочи последиците, повторувам конкретни, а не теоретски, при одлуките што треба да се донесат, вели во интервју за „Локално“ францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер за предвидените уставни измени кои треба да го продолжат европскиот пат на државата.
„Треба да се има предвид она што јавно го предочи Високиот претставник Борел и други високи европски претставници, тука во Скопје; компромисната формула што беше преговарана минатата година е најдобрата што може да се постигне и не би било разумно да се мисли дека е можно да се дојде до друга таква формула“, вели Бомгартнер.
Во однос на отпорот во македонската јавност за она што го добивме како европски предлог за старт на преговорите со ЕУ, Бомгартнер вели дека многу луѓе имаат мислење за овој предлог, но на крајот на краиштата прашува, колкумина од нив се сигурни дека го разбрале целосно неговото значење.
Во однос на тоа дали Франција гарантира дека ќе запрат бугарските барања за нашата земја, францускиот амбасадор истакнува дека од почетокот на минатата година, има уште посилна волја за политиката на проширување од страна на целата Европска унија, нејзините институции и државите-членки.
„Решението што беше прифатено предвидува, откако ќе се пристапи кон уставните амандмани, во согласност со билатералниот Протокол од 2022 година, Северна Македонија да влезе автоматски во следната фаза од нејзината постапка за пристапување. Потоа, ритамот на преговорите за пристапување ќе зависи главно од капацитетот и брзината со кои извршната власт ќе ги спроведува потребните реформи во однос на европското законодавство и низ примената на новата методологија“, нагласува францускиот амбасадор.
Бомгартнер подвлекува дека напредува во владеењето на правото и посебно го нагласува големиот скок во рангирањето на „Репортери без граници“. „Видете го, на пример, последниот меѓународен извештај за слободата на медиумите; во него се препознава дека состојбата во тој поглед се подобрила значително во Северна Македонија, со национална позиција што значително напредувала во текот на изминатата година. Овие моменти се препознаени и се нотирани во извештаите на Европската комисија за напредокот. Но, сè уште сме на средината од патот“, вели Сирил Бомгартнер во интервју за „Локално“.