Не е проблем химната, туку старите ознаки на Армијата


Дали старите ознаки на униформите и капите на армијата, каде што сè уште стои името „Армија на Република Македонија“ се причината поради која за време на посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје не беа интонирани химните на двете држави? Притоа, евидентно беше и отсуството на единица за почести, што инаку е неодминлив елемент при секоја официјална посета на странски државници и при интонирањето на државните химни.

Од Владата и вчера останаа на ставот дека доцнењето од дваесетина минути на авионот со кој допатува грчката делегација е причината поради која изостанаа вообичаените почести. Од друга страна, тоа е мошне невообичаено за посета што доби епитет „историска“, со оглед на тоа што Ципрас е првиот грчки премиер што допатува во официјална посета на земјава – еден и пол месец по стапувањето на сила на новото уставно име на земјава.
По пречекот на Ципрас пред Владата, каде што спроти посетата беше поставена таблата со името Република Северна Македонија, реагираа од Академијата за протокол, со прашање „Каде се почестите, освен килимот и знамињата на ќошевите“?
– Што е со химните, шпалирот, поздравот на знамето?… Фалат некои стандардни, вообичаени елементи и затоа ова беше мошне необично. Има ли причина за ваков „скратен“ дочек на странски премиер, се посочува на фејсбук-страницата на Академијата за протокол.
Во Скопје, Ципрас имаше средба и со претседателот на парламентот Талат Џафери, ама го одмина претседателот во заминување Ѓорге Иванов, кој сето ова време води политики на опструирање и непризнавање на Преспанскиот договор. Како врховен командант на Армијата, Иванов е и потписник на Уредбата за униформите на АРМ, чија последна верзија е објавена во „Службен весник“ на 26 декември минатата година. Со оваа уредба се опфатени и свечените униформи за припадниците на воениот оркестар, на гардата и на единицата за почести. Во членот 16 од Уредбата стои: „На униформите се поставуваат: ознака за знамето на Република Македонија, единствениот знак за припадност на Армијата, ознаки кои го содржат единствениот знак за припадност на Армијата, ознака – штит на Армијата, ознака МАКЕДОНИЈА, ознаки за чиновите, родовите и службите…
Ознаката АРМ (Армија на Република Македонија) е предвидена и со Уредбата за единствен знак за припадност на Армијата, на која е потпишан исто така претседателот Иванов. „Единствениот знак за припадност на Армијата претставува стилизиран цвет на сончоглед од дванаесет листови со златножолта боја и црвено поле со кружен облик во средината, на кое е испишан натпис АРМ“, стои во Уредбата што е објавена во „Службен весник“ на 13 октомври 2016 година. Важноста на оваа Уредба е три години, што би значело до есента оваа година, кога треба да се заменат униформите и ознаките на нив.
Според тоа, за промена на ознаките на армијата согласно со новото име на државата, треба да се суспендираат овие две уредби и да се донесат нови, што најверојатно ќе биде обврска на новиот шеф на државата што се очекува да биде избран на 5 мај.


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави вчера дека сите институции имаат прва и основна задача да ги почитуваат Уставот и законите на државата. Според Уставот на нашата земја, според уставните измени што ги усвои Собранието со двотретинско мнозинство, како што рече, денеска во сите документи за Армијата се зборува за Армија на Северна Македонија.
– Армијата целосно ги почитува својата земја и нејзиниот Устав. Прашањето на кратенката, пак, треба дополнително да го решиме заради тоа што една работа е дали кратенката е од првите букви на трите збора или од првите букви од целото име. Во зборот армија – првите три букви се АРМ. Во суштина не е важна кратенката, туку кое име го користиме во целата наша писмена и усна комуникација. Армијата, како и сите институции во државата, треба да го почитува Уставот и ние тоа го правиме – изјави Шекеринска.
Од Владата соопштија дека националната химна и текстуално и инструментално останува иста. Со договорот од Преспа, како што се посочува, не е предвидена никаква промена. Тоа не било тема на дискусија и околу истата нема никаков спор.
Оттаму повторија дека химните не биле интонирани поради технички и организациски причини кои произлегле од стеснетата временска рамка на активности.
– Поради доцнењето при слетувањето на авионот, беа изоставени сите протоколарни свечени активности при дочекот, вклучително гарда, цвеќиња, воени почести, интонирање на химната и слично. Овие активности беа изоставени со цел да се запази дневната работна агенда на премиерите Заев и Ципрас, односно за да успеат во текот на денот да ги постигнат сите планирани работни активности. Преспанскиот договор на ниту еден начин не рефлектира врз химната, таа во ниту еден момент не била, не е и нема да биде спорна – посочија од Владата.
Велат дека, во периодот по потпишувањето на Преспанскиот договор, нашата химна беше интонирана во повеќе пригоди во присуство на официјални претставници од грчка страна. Македонската химна, како што се посочува, беше интонирана и на неодамнешниот свечен прием во организација на грчката амбасада, а по повод националниот ден на Грција. На 16 јуни, пак, се наведува, Скопје ќе биде домаќин на последниот квалификациски натпревар за Европско првенство 2020 во ракомет во кој нашата репрезентација ќе ја пречека Грција и повторно ќе бидат интонирани химните на двете земји.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа вчера со оценка дека Заев и претседателскиот кандидат на владејачките партии Стево Пендаровски, кој, инаку, не се виде со Ципрас, се срамеле од македонската химна. Како што рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, јавноста очекува одговор од Заев и Пендаровски дали биле уценети или можеби биле заплашени да не смеат да ја интонираат македонската химна.
– Образложението дека селфито на Заев и ручекот со Ципрас биле поважни од одвојување време за интонирање на химната е навистина срамно и е огромно понижување на сите граѓани на Македонија. Тоа што Заев и Пендаровски немаат време за македонската химна е до сега најголем срам за Македонците, за граѓаните и за државата во историјата на постоењето на Република Македонија. Тие треба да се извинат за овој срам што им го нанесоа на државата и на граѓаните и што побрзо и да ја поправат својата грешка – изјави Арсовски. Александра М. Митевска