„Не дозволувајте да умрат“: Сопруги на борците од Азов се сретнаа со папата
Папата Франциско се сретна со Екатерина, сопруга на командантот на Азов, Денис Прокопенко, и Јулија, сопруга на борецот од Азовскиот полк Арсениј Федосјук.
Екатерина Прокопенко и Јулија Федосјук, пишува Ројтерс, разговарале со папата околу пет минути. Тие побараа Франциско директно да се обрати до рускиот претседател Владимир Путин со барање да ги ослободи, бидејќи „руското заробеништво не е опција“.
„Вие сте нашата последна надеж, се надевам дека ќе ги спасите нивните животи, ве молам не дозволувајте да умрат“, рече Екатерина Прокопенко.
Според Јулија Федосјук, борците од Азов чекаат можност да се евакуираат во трета земја и само под овој услов да го положат оружјето.
Франциско ги уверил сопругите на борците од Азов дека ќе направи се за да ја спаси украинската војска и ќе се моли за нив.