„Не дојдов да ги продавам црногорските аеродроми“ – извршниот директор Јандреоски за плановите на компанијата


Извршниот директор на Аеродроми на Црна Гора, Горан Јандреоски, изјави дека не дошол во Црна Гора да ја продаде една од најуспешните државни компании, туку да испорача добри резултати за доброто на компанијата и граѓаните заедно со Одборот на директори.

Тој рече дека веќе две децении е во авијацијата, што придонело Управниот одбор да го именува за извршен директор по меѓународниот конкурс, пренесува Бонитет.

– Речиси од првиот работен ден читам невистини во врска со причината за моето доаѓање во Црна Гора. Дојдов исклучиво да работам професионално, како и секаде каде што сум работел. Очекувам да дадам добри резултати за аеродромите во Црна Гора и за граѓаните овде во соработка со Управниот одбор, рече Јандреоски во изјавата што ја пренесе Investitor.me.

Во врска со концесиите, Јандреоски повтори дека има неколку различни модели, напоменувајќи дека оваа тема не ја отворила оваа Влада и дека конечната одлука сигурно нема да ја донесе извршниот директор или Управниот одбор, туку извршната власт.

Тој потсети дека проектот го започна поранешната влада, а сегашната само ги поканила заинтересираните компании кои се најдоа на потесниот список да презентираат модели како гледаат на развојот на аеродромите во Тиват и Подгорица.

-Владата е таа што одлучува. Оваа одлука не ја носи Управниот одбор или извршниот директор на аеродромите. Тука сме да ги браниме интересите на Црна Гора, да бидеме кооперативни заедно со Управниот одбор. Како што работевме досега, така и во иднина ќе работиме – хармонично и со заеднички пристап за да ја донесеме најдобрата одлука за развојот и иднината на аеродромот, најави Јандреоски, пренесува Бонитет.

Јандреоски рече дека фокусот во моментов е да се зголемат врските од Црна Гора, а соработката со Управниот одбор е на завидно ниво.

Инаку, Јандреоски беше избран за нов извршен директор на Аеродромите на Црна Гора во јуни годинава поради, како што соопшти компанијата, богато работно искуство во воздухопловството. 

Пред да стапи на оваа функција, Јандреоски беше директор на Управата за цивилно воздухопловство во Македонија, како и на високи раководни позиции на аеродромот во Скопје. Дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј” во Скопје, каде и магистрал во областа на елетротехниката и информациските технологии, а во 2013 година завршил и МБА за воздухопловство на Универзитетот Дунав во Кремс – Австрија. Во 2014 година бил назначен да работи на проектот за Загребскиот меѓународен аеродром, во делот на имплементацијата на аеродромскиот систем за светлосна сигнализација на полетно-слетна патека.