„Не биди ѓубре“ в недела ќе вади автомобилски гуми од Вардар

Граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ во соработка со нуркачи од „Акватек“ од Охрид, спелеолошкото друштво „Врело“ од Скопје, „Тласа“ од Битола и риболовното друштво „Рибар 2011“, в недела, во 12 часот, ќе организираат вадење на потонатите автомобилски гуми од Вардар, во близина на мостот „Гоце Делчев“, најавува Ирена Ристиќ на Фејсбук групата „не биди ѓубре“.

Оваа активност ја планираат во рамки на Неделата на глобални климатски протести, што се одбележува од 20-27 септември.

Деновиве, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, прашан дали се планира поголема акција за чистење на реката Вардар, рече дека се врши тековно одржување.

„Очекувам градежното претпријатие „Бетон“, конечно да го заврши делот околу мостот во центарот на градот пред да почне да расте нивото на Вардар, за да биде проточен“, рече Шилегов, потсетувајќи дека лани беше исчистено коритото од двете страни на потегот од Хром до Карпош 4, што беше зараснато со дрвја.