НБМ: Денарот е и ќе остане стабилен – нема промени на нивото на неговиот девизен курс

Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво, соопшти утрово Народната банка на Македонија , откако вчера на некои портали и социјални медиуми се шпекулираше на оваа тема.

„Граѓаните треба да бидат спокојни. Стабилноста на курсот била, е и ќе остане наш приоритет. Ние гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен!“, нагласуваат до НБМ.

Од централната банка потсетуваат дека во повеќе наврати истакнале дека НБМ располага со низа инструменти со кои гарантира дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен.

„Девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво, и тоа двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година“, велат од Народната банка.

НБМ апелира на совесно и одговорно информирање и проверка на вистинитоста на изворите на информации.

Фото: Б. Грданоски

„Секое произволно толкување на информациите во врска со домашната валута може да креира негативни ефекти за нашата економија. Апелираме онлајн-платформите да не се користат како релевантен извор на информации и нивното прикажување на виртуелни пресметковни курсеви да не се смета за релевантен податок. Овие платформи не ја прикажуваат вредноста по која странските валути се купуваат на домашниот пазар, односно кај банките и менувачниците“, велат од НБМ.

Реакцијата доаѓа откако вчера во некои медиуми и на социјалните мрежи имаше објави во коишто се коментираат девизни курсеви на онлајн-платформи.

„Овие онлајн-платформи не се релевантен извор за следење на вредноста на денарот. Објавите на овие онлајн-платформи не произлегуваат од реално тргување со валути. Единствен релевантен извор на информации според којшто населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута е курсната листа што ние како централна банка ја објавуваме на нашата веб-страница –www.nbrm.mk. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар. На курсната листа којашто е во важност и во моментов, средниот курс на еврото во денари изнесува 61,69 денари“, се вели во соопштенито на Народната банка.