НБА натпревари ќе се играат и во Грција


Комесарот на НБА лигата Адам Силвер најави можност некои од натпреварите во најсилната кошаркарска лига во светот да бидат одиграни во Грција, објави денеска порталот „Баскет њуз“.

Според истиот извор, Силвер ова го најави синоќа во Париз каде присуствуваше на натпреварот меѓу Детроит и Чикаго.

Првиот човек на НБА истакнал дека најдобриот кошаркар на Милвоки, Гркот Јанис Адетокумбо, му рекол оти би сакал да одигра натпревар од НБА лигата во својата татковина.

„Јанис повеќе пати ми рече дека навистина би му било важно да игра во Грција. Знам дека и челниците на Милвоки го сакаат истото. Затоа бараме начин да организираме некој натпревар од НБА лигата во Грција. Тоа е навистина силен кошаркарски пазар“, посочи Силвер.

НБА досега организираше натпревари од регуларниот дел во сезоната во Велика Британија, Франција, Германија и Шпанија.