Навреди од ВМРО-ДПМНЕ кон малите партии во новата влада


 

На денешната расправа во Собранието за избор на Влада на РСМ,  дојде до вербален дуел меѓу пратеници од малите политички партии и од ВМРО-ДПМНЕ, кои на ваков начин сакаат да ги натераат да откажат поддршка на новата влада.

Повод беше обраќањето на пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој  посочи на неколку приоритети што според него треба да ги оствари новата влада, при што побара и преиспитување на Бадентер.  

„Разочарување и незадоволство се присутни на секој чекор, но и надежите дека е можен  пресврт на подобро. Но треба да ги засукаме ракавите и да работиме. Прво, доста е со говори, стратегии, платформи за реформи во правосудниот систем, да направиме кредибилен судски систем, законите да важат за сите. Да обезбедиме фер судење и правда, да се преиспитаат монтираните судски процеси. Ако нема правда, нема ниту мир. Ако нема правна сигурност, бега капиталот но и младите.

Второ, од понеделник натаму, силна и бескомпромисна борба против тешките облици на криминал и високата корупција. Седум институции се вклучени во откривање и сузбивање на криминалот, но тие се партизирани, некоординирани, затоа  предлагам Закон за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, како и формирање на независна Агенција за борба против криминалот.

Трето, коренити реформи на изборните правила. Македонија да биде една изборна единица законски услови за рамноправен политички натпревар.

Четврто, имплементација на европските стандарди и реформи согласно поглавјата за членство во ЕУ, независно што и натаму трае блокадата од Бугарија. Овде сакам да ги потенцирам црвените линии, никој не сме да го загрози нашиот национален идентитет, јазик историја, културни и други карактеристики и обележја на македонскиот народ.

Петто, да се отвори расправа за системски промени, преку промени на Уставот за јакнење на одговорноста, отворање на расправа за Бадентер, затоа што се злоупотребува или селективно се применува и слично.

Имаме и конкретни идеи за младите, по завршување на високо образование, да можат  да работат година дена во приватен сектор или државни институции, на сметка на Буџетот. Мораме да ги департизираме виталните државни институции, да им дадеме шанса на способните и креативните, на младите. Дајте да обезбедиме единство и сплотеност за стратешките интереси на Македонија, да ја чуваме Македонија, младите да останат овде во Македонија, да станеме информатичка силна држава“, рече Трајанов. 

Неговото обраќање повлече напади од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои оценија дека често  критикува, а упорно останува да биде дел од владејачката коалиција, со повик еднаш  да преземе одговорност за состојбите бидејќи и неговата партија го носи товарот од сите скандали на власта. Притоа малите партии што се дел од новата владејачка коалиција беа посочени како „лоши политичари, а добри роднини“, бидејќи успевале, според пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, успешно да вработат свои роднини и членови во институциите. 

„Се заканувате дека ќе излезете од коалицијата ако не добиете една изборна единица. Еве ви кажувам, нема да ја добиете и нема да направите ништо. Како што ве лажеше Заев ќе ве лаже и новата гарнитура“, му порачаа од ВМРО-ДПМНЕ на Трајанов.

На ваквите навреди реагираше Маја Морачанин, повикувајќи на етичкиот кодекс за пратениците, со оценка дека не можат вака да се навредуваат цели политички партии врз основа на паушални оценки.