Навиваме за„Green forces“-тинејџерите од „Дајте музика“ ги освојуваат симпатиите во Париз


Тинејџерите од „Дајте музика“ в недела гордо ќе ја претставуваат Македонија на 19. Јуниорски Евросонг во Париз со песната Green Forces, на Роберт Билбилов и Робин Зимбаков. Песната се пее на македонски јазик, само рефренот е на англиски јазик.

Македонија ќе настапи претпоследна, осумнаесетта. Фестивалот ќе го отвори Германија, а последна ќе пее претставничката на Полска. На годинашниот јуниорски Евросонг ќе се натпреваруваат 19 земји.

Кристина, Анастасија, Миха и Филип уште на првата официјална проба ги освојуваат симпатиите на светската публика, испраќајќи силна порака со својата нумера за заштита на животната средина и справување со климатските промени.

Четворица тинејџери од актерската екипа на проектот „Дајте музика“ која е составена од речиси 40 талентирани деца, беа избрани од страна на Македонската радио телевизија да ја претставуваат нашата земја во Париз.

„Дајте музика“ е партнерски проект на Македонската радио телевизија и Рифенштал продукција. Од октомври 2019 година, шоуто има повеќе од 32 милиони прегледи на својот You Tube канал. Видео записот GREEN FORCES го изработи продукцијата Вертиго Вижуалс .