Навивачите влегоа на терен по фудбалски натпревар во Индонезија, загинаа најмалку 174 луѓе


Бројот на загинати во стампедо на фудбалски натпревар во Индонезија се искачи на 174, од кои повеќето беа прегазени до смрт откако полицијата употреби солзавец за да ги разбие немирите во саботата, што го прави еден од најсмртоносните спортски настани во светот.

Немирите избувнаа откако натпреварот заврши во саботата навечер кога домаќинот Арема ФК од градот Маланг во Источна Јава загуби од Персебаја од Сурабаја со 3-2.

Заменик-гувернерот на Источна Јава, Емил Дардак за локалните медиуми изјави дека бројот на загинати се искачи на 174, додека повеќе од 100 повредени луѓе се на интензивно лекување во осум болници, од кои 11 се во критична состојба.

Вечерта по натпреварот, разочарани по поразот на нивниот тим, илјадници поддржувачи на Арема, фрлаа шишиња и други предмети кон играчите и фудбалските службеници. Навивачите го преплавија теренот на стадионот во знак на протест и побараа управата на Арема да објасни зошто по 23 години непоразени домашни натпревари, овој натпревар заврши со загуба, велат очевидци.


Немирите се проширија надвор од стадионот каде што најмалку пет полициски возила беа запалени. Полицијата одговори со фрлање солзавец, вклучително и кон трибините на стадионот, предизвикувајќи паника меѓу публиката. ФИФА инаку го има забрането солзавецот на фудбалските стадиони.

Некои од жртвите се задушиле, а други биле прегазени додека стотици луѓе трчале кон излезот во обид да го избегнат солзавецот. Во хаосот, 34 лица загинаа на стадионот, меѓу кои и двајца полицајци, а некои извештаи вклучуваат деца меѓу жртвите.

Фудбалскиот сојуз на Индонезија (ПССИ) ја суспендираше првата фудбалска лига Лига 1 на неодредено време поради трагедијата и му забрани на Арема да биде домаќин на фудбалски натпревари до крајот на сезоната.

Претседателот на Индонезија Џоко Видодо изрази длабоко сочувство за загинатите во телевизиските изјави во неделата.

„Длабоко жалам за оваа трагедија и се надевам дека ова е последна фудбалска трагедија во оваа земја, не дозволувајте да се случи друга човечка трагедија како оваа во иднина“, рече Видодо.

Тој им нареди на министерот за млади и спорт, началникот на националната полиција и на претседателот на ПССИ да спроведат темелна евалуација на фудбалскиот натпревар во земјата и неговата безбедносна процедура.


Индонезија треба да биде домаќин на Светското првенство за играчи до 20 години во 2023 година од 20 мај до 11 јуни, со 24 репрезентации . Како домаќин, земјата автоматски се квалификува за купот.

Ферли Хидајат, началникот на локалната полиција на Маланг, рече дека на натпреварот во саботата имало околу 42.000 гледачи, од кои сите биле за Арема бидејќи организаторот им забранил на навивачите на Персебаја да влезат на стадионот во обид да избегнат тепачки.

Ограничувањето беше наметнато откако судирите меѓу поддржувачите на двата ривалски фудбалски тима на стадионот Блитар во Источна Јава во февруари 2020 година предизвикаа материјални загуби од вкупно 250 милиони рупии (18.000 американски долари).

Натпреварот во сабота е веќе меѓу најлошите вакви катастрофи во светот, вклучувајќи го и квалификацискиот натпревар за Светското првенство во 1996 година помеѓу Гватемала и Костарика во Гватемала Сити, каде над 80 лица загинаа, а повеќе од 100 беа повредени. Во април 2001 година, повеќе од 40 луѓе беа згмечени до смрт за време на фудбалски натпревар во Елис Парк во Јоханесбург, Јужна Африка.