Навивачите на Ливерпул ја прекршија забраната за собири и организираа пречек за тимот (видео)


Ливерпул вечерва го игра својот последен натпревар на домашен терен во Премиер лигата. Како дел од претпоследното коло, тие ќе го пречекаат Челси, а вечерва ќе биде церемонијата за доделување на трофејот за шампионот, кој се врати на „Енфилд“ по 30 години чекање.

Натпреварите во англиската лига се затворени за гледачите поради пандемијата на коронавирус, но навивачите на Ливерпул сепак најдоа начин да ја прослават титулата.

Тие решија да организираат дочек за тимот по пристигнувањето на „Енфилд“ и со тоа ги прекршија упатствата на здравствените служби во Англија.

Снимките предизвикаа контроверзии на Твитер. Многу луѓе се загрижени за можноста вирусот да се шири меѓу толпата, а многу обожаватели го осудија собирот.

Претходно во текот на денот, Ливерпул успеа да добие дозвола семејствата на играчите да бидат присутни на церемонијата за доделување на трофеите, за да можат со некој да го прослават овој свечен момент.

Пред натпреварот, фудбалерите на Челси им приредија на своите ривали победничко добредојде. Во Англија, постои обичај ривалите да формираат шпалир кога шампионите ќе влезат на теренот и со тоа да им оддадат признание.