Навивачите на Барселона ставаат рампа за Нејмар


Фановите на Барселона не се согласуваат со евентуалното враќање во тимот на Бразилецот Нејмар.„Ел Мундо Депортиво“ спроведе анкета меѓу навивачите на каталонскиот клуб. На прашањето „Дали ќе го прифатите враќањето на Нејмар во Барселона? 71,2 проценти од испитаниците одговориле негативно. Фановите не го прифатија начинот на кој Бразилецот го напуштил клубот, одејќи во ПСЖ. Исто така, нивните стравови се предизвикани од физичката состојба на Нејмар, кој често се повредува и му треба долг период за закрепнување.

Заминувањето на бразилскиот фудбалер Нејмар од редовите на ПСЖ е сѐ поизвесно откако тој им кажал на челниците на клубот дека не планира уште еднаш да заигра во дресот на „светците“. Имено, каталонскиот весник „Спорт“ пишува дека Нејмар уште од првите недели во Париз влегол во клинч со многу луѓе инволвирани околу клубот и во ниту еден момент по неговиот трансфер тежок 198 милиони фунти не се почувствувал добредојден на „Паркот на принцовите“.Нејмар најпрво влезе во конфликт со Едисон Кавани, а потоа се замери и со клупските доктори. Тој е лут на нив, бидејќи смета дека имаат голема вина во лошата терапија. Поради нестручноста на клупските доктори во Париз често доаѓаат лекарите на бразилската репрезентација.Како капак на се дошла и расправијата со првиот човек на клубот, Насел Ал Келаифи, па сега неговото заминување е сѐ поизвесно. Ал-Келаифи го обвинува фудбалерот дека се однесува како рок ѕвезда и дека не ги оправдува парите вложени во него, премалку тренира и ги „минира“ тренерите.

Нејмар е разочаран од квалитетот на францускиот шампионат. На Бразилецот не му се допаѓаат малите стадиони, слабата посетеност, а и противниците не бираат средства за да го запрат. Нејмар чувствува дека нема доволно заштита од судиите и поради тоа се почесто е повреден.Она што е воочливо е дека тој полека влегува во сенка на Мбапе. Младите француски фудбалери со своите игри ја преземаат неговата слава.

Бразилецот, пак, смета дека Мбапе сè уште не е толку голема ѕвезда како него и не заслужува да имаат идентичен третман.После сѐ се верува дека Нејмар ќе се врати во Барселона, а каталонскиот тим веќе ја подготвува понудата во која веројатно ќе го вметне и Фелипе Кутињо кој ќе стане вишок на „Камп Ноу“ со евентуалното доаѓање на бразилскиот ас.