Навивачи дошле на гробот на Гоце Делчев да скандираат и навредуваат


Членови на навивачките групи „Комити“ и „Војводи“ гласно скандираат „Никогаш Северна, само Македонија“  додека  вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, се подготвуваше да даде изјава за медиумите по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.

Шекеринска кратко искоментира дека станува збор за политички мотивиран настан, им се извини на медиумите и ги покани на втор настан на кој ќе присуствува да даде изјава.

„Барем тоа го научивме на Балканот, дека многу често политиката се крие зад навивачките групи и ги злоупотребува“, рече Шекеринска.

По заминувањето на Шекеринска, навивачите продолжија да пеат патриотски песни и придружувани од полицијата влегоа да положат цвеќе.

Непосредно пред владината делегација што ја предводеше Шекеринска, во „Свети Спас“ беше и делегација на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со лидерот Христијан Мицкоски. Додека тој даваше изјава за медиумите, навивачите не беа присутни.