„Навезени спомени“ – изложба во чест на Блаже Конески во Музеј на Македонија


53 најкарактеристични народни везови, од различни етногеографски области на нашата земја ќе бидат презентирани на изложбата „Навезени спомени“ која ќе биде отворена на 29 декември (среда), во 13 часот, во Музејот на Република Северна Македонија.

Везовите коишто се поставени во 30 рамки претставуваат значајно сведоштво за креативноста, оригиналноста и вештината на жената – везилка, но и за традицијата што со векови се пренесувала од колено на колено.

Изложбата е поставена во чест на македонскиот реномиран и меѓународно признат поет, Блаже Конески. Со отворањето на изложбата, од Музејот велат дека даваат свој придонес кон одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на втемелувачот на современата македонска филологија и лингвистика.

„Неслучаен бил поривот на нашиот го­лем, но и светски признаен поет Блаже Конески да ја воспева македонската жена. Во песната Везилка и Убавите жени, тој ги воспева нејзините најдобри, единствени и неприкоснове­ни вредности: улогата на мајка, чувар на куќата и домот, вредна домаќинка, но и исклучително инвентивна и талентирана жена, везилка. Тоа се неговите најубаво испеани стихови за неа, за жената, за мајката, за сите мајки посветени до­крај на домот, на семејството и сите потреби што произлегувале од него во секојдневниот живот. Тие, везовите, најпрво биле создавани во меч­тите на жената везилка, а потоа, со вештината на рацете, со љубовта на срцето и чувството за уба­вина, ред по ред вези, ред по ред сонувај, дури докрај не се отсонува сонот што треба да биде ставен на платно, и тоа одопаку, токму како што е поголемиот дел од македонските везови. Везејќи, таа ја изразувала својата распнатост помеѓу емоциите и секојдневниот живот, како: љубовта, изневерувањето и неостварливоста на истата, осаменоста, тагата поради минливос­та на животот, стравот од смртта, желбата да се открие мудроста на животот и да се извлече она најубавото од него, за да се почувствува сета по­лнота и убавина на живеењето. Преку нив, таа ги раскажала своите најдлабо­ки чувства, ја извезла својата животна приказна проткаена со среќа и тага, со болка и радост, коп­неж и надеж, одважност и храброст, стравови, сомнежи и јанѕи, чувства коишто постојано се испреплетувале и се испреплетуваат во секој човек“, вели кустос советникот Горданче Видиниќ, авторот на изложбата и каталогот.