Навални напишал автобиографија пред неговата смрт


Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални пред смртта напиша автобиографија, која ќе биде објавена во октомври, објави денеска неговата вдовица Јулија Навална.

Навални (47) почина во февруари во затвор во Арктичкиот круг. Водечкиот руски опозициски политичар сакаше да стане претседател на Русија и беше најжесток критичар на Владимир Путин во земјата. Неговите сојузници, кои властите ги прогласија за екстремисти, го обвинуваат Путин дека го убил, обвинение што Кремљ го негира.

Навална на платформата Х напиша дека нејзиниот сопруг започнал мемоари со наслов „Патриот“ во 2020 година. Навални почнал да ја пишува својата автобиографија откако бил отруен, за што западните лекари тврделе дека е предизвикана од нервниот агенс Новичок.

Навална најави дека книгата ќе биде објавена на 22 октомври истовремено на 11 јазици.

„Воопшто не замислував дека Алексеј вака ќе ја напише својата биографија. Верував дека ќе бидеме во осумдесеттите, дека тој ќе седи на компјутерот со отворен прозорец и ќе пишува“, вели таа. „Но, работите се одвиваа како што се одвиваа. Страшно и многу, многу нефер“.

Портпаролката на Навални, Кир Јармиш, опиша како тој почнал да диктира делови од својата книга додека се опоравувал од труење во Германија и дека книгата ја завршил во затвор откако се вратил во Русија во 2021 година.

Издавачот Penguin Books UK, во изјава за платформата X, ја опиша книгата како „целосна приказна за животот на Навални и предизвикувачки повик да се продолжи работата за која тој го жртвувал својот живот“.

Тешко дека книгата ќе биде достапна во Русија, каде властите го забранија неговото движење поради екстремизам. Минатиот месец Путин ја нарече смртта на Навални „тажна“ и рече дека сакал да го размени со Западот под услов никогаш да не се врати во Русија.