Навални бил отруен во притвор, наведува неговиот адвокат

Лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални, бил „отруен“ од неидентификувана токсична супстанца, но тој е вратен назад во затвор и покрај неговата состојба, денеска информираа неговиот адвокат и матичен лекар, цитирани од француските медиуми.

Главниот политички опонент на претседателот Владимир Путин вчера беше префрлен во болница заради силен алергиски напад, само еден ден откако речиси 1.400 лица беа уапсени на неодобрениот протест во Москва, во најголемата полициска акција врз опозицијата во последните неколку години.

Навални беше примен во болница со „остра алергиска реакција“, но подоцна неговите поддрживачи изјавија дека веруваат дека тој бил изложен на отров.

-Тоа навистина е труење со некаква непозната хемиска супстанца, изјави денеска неговиот адвокат Олга Михајлова пред московската болница № 64, во која Навални беше примен на лекување.

Навални во неделата имаше надуени очни капаци, крвав излив во окото и иссипување по горниот дел од телото, рече неговата матична лекарка Анастасија Василиева.

Докторката денеска пред новинарите кажа дека таа и 43-годишниот приведен политичар сметаат дека алергиската реакција можно е да била одговор на „некаков хемиски агенс“.

Навални се наоѓа во притвор од минатата среда заради организирање на неодобрен протест.