Наум Стоилковски упадна на прес-конференција на Никола Димитров


Изолиран инцидент или не – но денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, упадна во прес-конференцијата на носителот на СДСМ во Првата изборна единица, Никола Димитров пред Јавното обвинителство за да го наруши она што министерот го кажуваше околу владеењето на правото. Димитров зборуваше за стапувањето во сила на новиот Закон за јавното обвинителство, кога Стоилковски со повишен тон го прашуваше за новата аудио снимка поврзана со еден црнгороски бизнисмен.

„Кога погодувате точно во сржта, во нервот, вака изгледа. Овој театар е уште еден доказ којшто најпластично покажува дека опозицијата прави шум со цел јавноста да не ја дознае вистината за нивните криминали. Овој упад покажува уште еднаш дека основната кауза на опозициската ДПМНЕ е да бега од правда. Драго ми е што ја потсетија јавноста за начинот на нивното справување со вистината и благодарам што им дадоа уште една причина на граѓаните да гласаат против симболот на неказнивоста“, реагираше на ова Димитров.

Неколку дена претходно Зоран Заев и функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, се сретнаа на настани организирани од двете партии и меѓу нив имаше многу срдечен поздрав со лактови.