Научниците со последно предупредување за климатската криза: Да се дејствува веднаш или ќе биде предоцна


Научниците издадоа „последно предупредување“ за климатската криза, со оглед дека зголемените емисии на стакленички гасови го туркаат светот на работ на непоправлива штета што само брза и драстична акција може да ја спречи.

Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), составен од водечки светски научници за климата, денеска го објави последниот дел од својот шести извештај за климатските промени.

За изготвување на сеопфатниот преглед на човечкото знаење за климатската криза, на стотици научници им беа потребни осум години, но илјадниците страници од извештајот се сведуваат на една порака: да се дејствува сега или ќе биде предоцна.

„Овој извештај е јасен повик за масовно забрзување на климатските напори од секоја земја и секој сектор и во секоја временска рамка. На нашиот свет му треба климатска акција на сите фронтови: сè, секаде, сè одеднаш“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Во извештајот IPCC го претстави уништувањето што веќе е нанесено на големи делови од светот. Екстремните временски услови предизвикани од климатските промени доведоа до зголемен број смртни случаи од се посилните топлотни бранови во сите региони, милиони животи и домови уништени во суши и поплави, милиони луѓе се соочуваат со глад и „сè повеќе неповратни загуби“ во виталните екосистеми.

Последниот дел што беше објавен денеска, наречен синтезен извештај, е речиси сигурно последната ваква проценка додека светот сè уште има шанса да го ограничи порастот на глобалните температури на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, прагот над кој штетата врз нашата клима ќе стане неповратна.

„Овој извештај е дефинитивно последното предупредување за 1,5 степени. Ако владите се држат до нивните сегашни политики, преостанатиот буџет за јаглерод ќе се потроши пред следниот извештај на IPCC [во 2030 година]“, рече Каиса Коснен, експерт за клима во Гринпис Интернешнл.

Повеќе од три милијарди луѓе веќе живеат во области кои се „многу ранливи“ на климатските промени, откри IPCC, а половина од глобалното население сега се соочува со сериозен недостиг на вода, барем дел од годината. Во многу области, предупредува извештајот, веќе ја достигнуваме границата до која можеме да се прилагодиме на таквите тешки промени, при што временските екстреми „сè повеќе го поттикнуваат раселувањето“ на луѓето во Африка, Азија, Северна, Централна и Јужна Америка и во Јужниот Пацифик.

Сите овие влијанија брзо ќе се зголемат бидејќи не успеавме да го смениме 200-годишниот тренд на зголемување на емисиите на стакленички гасови, и покрај повеќе од 30-годишните предупредувања од IPCC, кој го објави својот прв извештај во 1990 година.

Светот се загрева како одговор на акумулацијата на јаглерод диоксид и други стакленички гасови во атмосферата, така што секоја година кога емисиите продолжуваат да растат го користи расположливиот „јаглероден буџет“ и значи дека во иднина ќе бидат потребни многу подрастични намалувања.

Сепак, сè уште постои надеж дека ќе останеме во рамките на 1,5 Целзиусови степени, според извештајот.

„Овој синтезен извештај ја нагласува итноста за преземање поамбициозни активности и покажува дека ако дејствуваме сега, сè уште можеме да обезбедиме одржлива иднина за живеење за сите“, рече Хоесунг Ли, претседател на IPCC.

Температурите сега се околу 1,1 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, откри IPCC. Доколку емисиите на стакленички гасови го достигнат максимум набрзо и брзо се намалат во наредните години, сепак може да биде можно да се избегне најлошото уништување што би следело по пораст од 1,5 степени.

„Секое избегнато затоплување благодарение на колективните активности извлечени од нашата растечка, сè поефективна група алатки е помалку лоша вест за општествата и екосистемите од кои сите зависиме“, рече Ричард Ален, професор по климатски науки на Универзитетот во Рединг.

Гутереш ги повика владите да преземат драстични мерки за намалување на емисиите со инвестирање во обновливи извори на енергија и технологија со низок јаглерод. Тој рече дека богатите земји мора да се обидат да постигнат нето нула емисии на стакленички гасови „што е можно поблиску до 2040 година“, наместо да го чекаат крајниот рок до 2050 година на кој повеќето се пријавиле, пишува „Гардијан“.