Научниците се блиску до тест на крвта кој ќе покаже кој ја шири туберкулозата меѓу милиони луѓе


Научниците велат дека се блиску до развој на тест на крвта кој би можел да ги идентификува милионите луѓе кои несвесно шират туберкулоза, пренесува ДПА.

Истражувачите од Универзитетот во Саутемптон открија група биолошки маркери кои се наоѓаат на високо ниво кај заразните пациенти.

Туберкулозата или ТБ е најсмртоносната заразна болест во светот и одзема повеќе од милион животи секоја година, според Светската здравствена организација (СЗО).

„ТБЦ се уште е глобална катастрофа“

Студијата, спроведена со експерти од Универзитетот во Кејптаун во Јужна Африка и Универзитетот Каетано Хередија во Лима, Перу, користела нова техника која идентификувала збир од шест протеини кои се многу прецизни во откривањето на туберкулозата.

Водечкиот автор д-р Хана Шиф, експерт за респираторни болести на Универзитетот во Саутемптон, рече дека тестот може да помогне да се идентификуваат околу три милиони случаи кои биле пропуштени минатата година, повеќето од нив во земјите во развој.

„ТБЦ останува глобална катастрофа бидејќи нашите напори да го контролираме нејзиното ширење се попречени од несоодветното тестирање, кое е бавно и зависи од специјализирана опрема и лаборатории. Третина од луѓето кои се инфицираат остануваат недијагностицирани и остануваат заразни“, рече таа.

Туберкулозата може да уништи кој било дел од телото

„Во нашата студија, комбиниравме нова техника на мерење со длабока математичка анализа за да ги идентификуваме овие шест нови маркери за ТБЦ. Ова може да доведе до трансформативна алтернатива за дијагностицирање на болеста – едноставен тест кој открива протеини во крвотокот чии нивоа се разликуваат кај луѓето со ТБЦ, здрави индивидуи и оние кои страдаат од други респираторни заболувања“.

Таа објасни дека туберкулозата се шири со вдишување на ситни капки од кашлањето или кивањето на заразените луѓе, и иако главно ги погодува белите дробови, може да уништи кој било дел од телото.

Бројот на случаи во Обединетото Кралство се искачи на околу 5.000 минатата година и се очекува да продолжи да расте во 2024 година, според Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство.

Како беше спроведена студијата?

Студијата, објавена во Journal of Clinical Investigation Insight, вклучувала испитување на протеин пронајден во крвта на луѓето со активна туберкулоза во Африка и Јужна Америка.

Научниците ги споредиле биомаркерите со оние пронајдени кај здрави луѓе и пациенти со инфекции на белите дробови, идентификувајќи 118 протеини кои биле значително различни помеѓу групите.

Експертите потоа ги намалија на шест протеини за кои велат дека може да се користат за разликување на заразни пациенти со ТБЦ од луѓе со добро здравје или со проблеми со белите дробови.

Насоки за развој на тест за туберкулоза, едноставно и брзо како оној за ковид

Ко-водачот на студијата, д-р Дијана Гарај-Бакеро, исто така од Универзитетот во Саутемптон, рече дека резултатите даваат насоки за развој на тест за туберкулоза што би бил едноставен како брзите тестови за антиген на Ковид-19 што се користат за време на пандемијата.

„Новите маркери што ги откривме се навистина возбудливи, но сега е важно да се развијат во тестови кои можат да се користат за милиони луѓе кои носат ТБЦ без да знаат“, рече таа.

„Како што докажа пандемијата Ковид-19, на наша опасност ги игнорираме многу заразните болести во воздухот“.