Научниците развија камера во форма на таблета за дијагностицирање на дигестивни проблеми


Минијатурната капсула NaviCam може да направи револуција во дијагнозата на проблеми со дигестивниот тракт.

Ендоскопите со капсули што може да се проголтаат, кои овозможуваат снимање видео, постојат веќе некое време, но тие се значително ограничени и не можат да бидат контролирани од лекарите, бидејќи целосно се потпираат на гравитацијата и на дигестивниот систем за да ги придвижат. Сепак, се чини дека научниците го надминаа ова ограничување со развивање на капсула во облик на таблета која овозможува далечинско управување.

Оваа технологија им овозможува на лекарите буквално да „возат“ минијатурна видео капсула наречена NaviCam низ дигестивниот систем за да ги визуелизираат и фотографираат потенцијалните проблематични области. Ова претставува потенцијална алтернатива на традиционалната ендоскопија. За поместување на капсулата се користи надворешен магнет, како и џојстици како оние што се користат за играње игри.

„Традиционалната ендоскопија е инвазивна процедура за пациентите, но и скапа поради потребата од анестезија и отсуство од работа. Капсулите со магнетна контрола може да се користат како брз и лесен начин за откривање здравствени проблеми во горниот дел на гастроинтестиналниот тракт, како што се чиреви или рак на желудникот“, рече професорот Ендрју Мелцер.

Оваа технологија сѐ уште е во фаза на тестирање, но досегашните резултати се позитивни. Мелцер и неговите колеги од компанијата за медицинска технологија AnX Robotica спроведоа студија во која учествуваа 40 луѓе и открија дека лекарите можат прецизно да ја контролираат капсулата на сите главни делови на желудникот со стапка на успех на визуелизација од 95 проценти. Овие пациенти биле подложени и на традиционална ендоскопија за да се потврди дека камерата не „пропуштила“ ниту една високоризична лезија.

Камерата може да открие крварење, воспаление и лезии и може автоматски да пренесува видео и фотографии надвор од локацијата за понатамошен преглед. Истражувањата покажаа дека користењето на капсулата не претставува ризик по здравјето, иако технологијата не дозволува биопсија бидејќи се распаѓа во телото. Научниците нагласија дека програмата за тестирање е сè уште во почетна фаза и дека допрва треба да следи „поголемо тестирање на пациентите“.