Натпреварот Аталанта – Валенсија стана биолошка бомба за Бергамо


Градоначалникот на Бергамо, Џорџо Гори се согласи со експерти дека натпреварот Аталанта – Валенсија е причина за распространетиот коронавирус во регионот на Ломбардија.

Аталанта ја пречека Валенсија на 19 февруари во првото осминафинале од Лигата на шампионите на УЕФА на неутрален терен на „Сан Сиро“ во Милано пред 45.000 гледачи. Аталанта победи со 4-1, а градоначалникот на Бергамо е убеден дека овој натпревар го забрзал заразувањето на многу луѓе во областа.

– Овој натпревар стана биолошка бомба. Во тоа време немавме поим што нè очекува. Во Италија, првиот пациент се појави на 23 февруари. Очигледно, вирусот веќе активно се ширел и замислете во тој момент над 40.000 луѓе се упатија кон Милано и веројатно повеќето од нив биле заразени. Многумина го следеа натпреварот во групи, имаше многу контакт, рече Гори, цитиран од италијанските медиуми.