НАТО сними видео за „волците“ на АРМ
– Ние сме припадници на Баталјонот на специјални сили, доаѓаме од Северна Македонија и тука сме веќе неколку пати, во неколку ротации на вежбата „Combined Resolve XV“. Вредноста на оваа вежба е во интегрирањето и интероперативноста со другите членки на НАТО. Горди сме што сме членка на НАТО, вели македонскиот офицер на Специјалните сили „Волци“, Баталјонот за специјални намени на АРМ.
Видеото е преземено од Јутјуб каналот на Defense Flash News | Извор на видеото: NATO multimedia
„Имињата и ликовите на офицерите се прикриени од безбедносни причини“, наведува НАТО во синопсисот за видеото, во кое зборува и офицер на Специјалните сили на Армијата на САД.
– Придобивката од извежбување и интегрирање на сили за специјални операции од повеќе земји во ваква вежба е тоа што составува сценарио во кое можеме да извежбуваме колективна одбрана. Доколку некогаш мораме да споиме заедно различни сојузнички сили, нема да биде прв пат како минуваме низ сите системи и процеси кои би морале да ги примениме за да спроведеме операции во мултинационална средина. Ова е извонредна можност не само да ги поврземе межународните сили со американски партнери (единици, н.з.), туку и да ги поврземе меѓусебе, како и со партнерските земји, и да видиме како решаваат проблеми и работат заедно, вели офицер на американските Специјални сили, „зелени беретки“.
Силите за специјални операции од НАТО-сојузниците Северна Македонија и Романија вежбаа интегрирање со конвенционални сили за време на вежбата „Combined Resolve XV“, предводена од САД, која се одржува во Германија од 1 февруари до 5 март.
Операторите од Баталјонот за специјални намени, наречен „Волци“, работеа со нивните сојузнички колеги од 51.Баталјон за специјални операции на романската армија и специјалните сили на САД во поддршка на конвенционалните единици од различни сојузнички и партнерски нации.
На средината на февруари „волците“ и нивните романски колеги ги посетил и заменик командантот на Европската команда на Армијата на САД за специјални операции, американскиот полковник Марк ЛаРош, кој ја истакнал важноста на интероперативноста – способноста на единици од различни земји да дејствуваат заедно.
„Волците“ на вежбата се дел од Наменската група за специјални операции, задолжена за поддршка на операциите на полска механизирана бригада и на американска бригада на борбената авијација.
Вежбата здружува елементи за специјални операции кои се подготвуваат да служат како дел од Командата на компонента за специјалн и операции, предводена од Италија, која же биде дел во идна ротација на НАТО силите за одговор ( NRF – NATO Response Force). Вежбата е важен чекор кон сертифицирање за мисијата на НРФ
Околу 4.700 војници од 10 сојузнички и партнерски земји учествуваат во вежбата „Combined Resolve XV“ на воените полигони Графенвоер и Хохенфелс во Германија. Вежбата е предводена од Армијата на САД, а, покрај македонските, учествуваат и трупи од Босна и Херцеговина, Грузија, Италија, Косово, Литванија, Полска, Романија и Словенија.
За да се заштитат од зараза со ковид-19, сите земји-учеснички ги тестираа своите војници пред и по распоредувањето и ги ставија во карантин пред почетокот на вежбата. Физичкото растојание се одржуваше секогаш кога условите дозволуваа.














