НАТО размислува за засилување на сојузничките сили доколку руските трупи останат во Белорусија


НАТО ја разгледува можноста за зголемено воено присуство во балтичките земји и Полска во случај Русија да ги задржи своите трупи во Белорусија по планираната воена вежба, изјави денеска шефот на Воениот комитет на Алијансата, адмирал Роб Бауер.

– Можно е натамошно распоредување на сојузничките сили на НАТО, изјави Роб Бауер, холандскиот адмирал на чело на највисокото стратешко тело на НАТО.

Во Белорусија, северниот сосед на Украина, Русија распореди 30.000 војници овој месец поради заеднички воени вежби, така што вкупниот број руски војници на границите на Украина во моментов е повеќе од 100.000.

– Размислуваме каде постојано имаме војници во различни нации – разговараме за ова, што резултира со актуелните потези. Може да има некои промени во иднина, а тие ќе бидат резултат на овој развој, рече Бауер на прес-конференција во Вилнус.  – Сè во голема мера зависи, се разбира, од тоа дали руските трупи, кои сега се во Белорусија, ќе останат таму, додаде тој, пренесува ДПА.

Москва соопшти дека не планира инвазија на Украина, но може да преземе одредена воена акција доколку нејзините безбедносни барања не бидат исполнети.

– Ако обрнете внимание на трупањето на воените сили, Русија всушност би можела да има доволно војници за сериозна инвазија до крајот на овој месец, но не знаеме дали тие имаат вистинска намера да го сторат тоа, рече Бауер. .

– Како дел од последното распоредување на воени сили на границата со Белорусија, гледаме и изградба на полски болници, како и други помошни објекти потребни за поддршка во случај на воен напад, рече Бауер.

– Ако навистина размислувате за инвазија, всушност ви треба повеќе од воени сили. А ние гледаме се повеќе такви работи долж границите со Украина и на границата меѓу Белорусија и Украина, што само по себе е многу загрижувачко, тој рече.

Бауер истакна дека на мобилизацијата на руските сили во Белорусија треба да се гледа како „комбинација на можности“ од воена гледна точка.

За време на денешната посета на Лутванија, тој уште рече дека Алијансата засега не гледа никакви знаци дека Русија планира напад на Балтикот.

– Засега не гледаме никаква намера: не очекуваме никаков напад од Русија на територијата на НАТО – директно или преку Белорусија, рече адмиралот, пренесува ДПА.

Началникот на армијата на Литванија Валдемарас Рупсис се согласи со оценката на Бауер за ситуацијата, велејќи дека тој не гледа „никаква директна закана тактички или оперативно во овој момент“.

– Имајќи предвид дека трупите на НАТО се стационирани во Литванија, исто така би било „неодговорно“ и „глупаво“ да се заканува на земјата, рече тој.

НАТО ги зголеми силите во своето источно крило откако Русија го анектираше Крим во 2014 година.

Околу половина од 1.200 војници стационирани во Литванија се од германскиот Бундесвер и Берлин не ја отфрли можноста да испрати повеќе војници.

На прашањето дали таквото засилување ќе биде испратено по билатерален договор или преку НАТО, Бауер рече дека двете опции не се исклучуваат меѓусебно. – Ако сакате брза одлука, таа најверојатно ќе биде билатерална, бидејќи не бара согласност од сите сојузници, појасни холандскиот адмирал.

САД испратија 3.000 војници во Романија и Полска минатата недела, а Германија соопшти дека размислува да ги засили сегашните воени сили во Литванија.