НАТО расправаше како здравствената криза да не стане безбедносна


Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес ја претставуваше Македонија за првпат како полноправна членка на НАТО, на состанокот на Северно-атлантскиот совет во формат на министри за надворешни работи. Состанокот, заради рестрикциите со пандемијата COVID-19, се одржа преку видео конференција.

 Тој изрази благодарност до земјите членки за финализирањето на процесот на пристапување, овозможувајќи и на нашата земја по дведецениски подготовки, минатата недела и официјално да стане 30-та членка на Алијансата. 

Притоа, Димитров го истакна значењето на членството на Македонија во НАТО како заеднички успех во заложбите за регионалната и европската стабилност и заедничкото справување со глобалните предизвици.

Ова не е само наш успехОва е успех и за сите наши партнери во евро-атлантската заедница чии вредности се демократијата, човековите права и владеењето на правото низ единство и солидарност. Ширењето на соработката, помошта и информациите треба да биде побрзо од ширењето на пандемијата, порача Димитров на состанокот. 

 Осврнувајќи се на главната тема на состанокот – пандемијата на вирусот COVID-19, министерот Димитров ги истакна мерките на Владата за справување со овој глобален предизвик, при што ја подвлече потребата од придонес на Алијансата по ова прашање во засегнатите земји членки. Потенцирајќи го принципот на солидарност врз кој се темели НАТО, заедничка беше констатацијата на министрите за потребата од преземање на итна и координирана акција за справување со кризата и ублажување на нејзините последици.

Генералниот секретар Јенс Столтенберг на прес конференцијата порача дека клучна задача денес на министрите била да спречат здравствената криза со корона вирусот да не стане безбедносна.

 На состанокот беа разгледани и прашања во врска со Авганистан, пошироката област на Блискиот Исток и Северна Африка, како и за состојбите во Сирија. Притоа, министерот Димитров ја реафирмираше подготвеноста на нашата земја за натамошен придонес во приоритетните активности на НАТО.