НАТО одобри распоредување борбени единици во Романија


 Романскиот претседател Клаус Јоханис денеска воочи вонредниот самит на НАТО изјави дека Северноатлантската алијанса одобрила распоредување борбена група во Романија.

„Веќе имаме многу добри вести“ е коментарот на Јоханис на одлуката на НАТО, појаснувајќи дека распоредувањето војници е на барање на Романија додека Франција ќе биде предводник на единиците во земјата. Според него, преку дополнителни разговори ќе се решава за учество на војници од други држави во нивен состав.

„Зборуваме за консолидирање на источното крило на НАТО. Веќе имаме мошне добри вести. Според генералниот секретар Јенс Столтенберг, НАТО веќе одобрил распоредување борбени единици во Романија … Романците можат да бидат спокојни, Романија е заштитена од најголемата Алијанса, рече Јоханис.

Романскиот претседател уште вели дека деталите за тоа каде ќе бидe стационирана борбената група ќе бидат соопштени дополнително. Истовремено тој укажа на потребата од дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста на регионот преку постојано присуство на НАТО.

„Ако ја погледнеме војната во Украина ќе ја увидиме потребата од повеќе модерно оружје, секако потребна е ракетна заштита и слично. Работите не се толку едноставни, со камион и цистерна не може многу да се постигне. Ни треба модерно, софистицирано оружје што е прилично скапо“, ја цитираат романските медиуми изјавата на претседателот.