НАТО нема планови да испраќа трупи во Украина, рече Столтенберг

„Ова е намерна, ладнокрвна и долго планирана инвазија по многубројните лаги, негирања и дезинформации“, рече генералниот секретар на НАТО


Јенс Столтенберг

 

НАТО нема војници внатре во Украина и не планира да испрати во земјата, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, на прес-конференција за руската инвазија на Украина.

„Нема борбени трупи на НАТО, воопшто нема војници на НАТО внатре во Украина. Ние јасно ставивме до знаење дека немаме никакви планови и намера за распоредување на војници на НАТО во Украина“, рече тој.

„Она што јасно го ставивме е дека веќе го зголемивме и го зголемуваме присуството на трупите на НАТО во источниот дел на алијансата на територијата на НАТО.

Украина е партнер на западната одбранбена алијанса, но не и членка на НАТО.

Јенс Столтенберг, најави дека во петок ќе има виртуелен самит на земјите-членки на алијансата.

Според неговите зборови, „тоа ќе биде нова реалност, нова Европа по инвазијата што ја видовме денес“.

Алијансата издаде нови упатства до своите воени команданти за да им овозможи побрзо да ги преместуваат воените сили низ Европа.

Сојузниците на НАТО ја предупредија Русија дека ќе плати „тешка економска и политичка цена“ во заедничката изјава објавена по вонредниот состанок во четвртокот наутро.

Ја повикуваме Русија најсилно да се врати од патот на насилство и агресија што го избра. Руските лидери мора да сносат целосна одговорност за последиците од нивните постапки. Русија ќе плати многу тешка економска и политичка цена…

За време на оваа криза, НАТО, сојузниците и нашите партнери вложија максимални напори за продолжување на дипломатијата и дијалогот со Русија, вклучително и на највисоките нивоа, и дадоа многу суштински предлози за зајакнување на безбедноста на сите нации во евроатлантскиот регион. Ние постојано ја поканувавме Русија на разговори во Советот на НАТО-Русија. Русија сè уште не возвратила. Русија, и само Русија, избра ескалација“.

Столтенберг рече дека Русија води војна со воздушни и ракетни напади, копнени сили и специјални сили од повеќе правци, насочени кон воената инфраструктура и големите урбани центри.

„Ова е брутален чин на војна. Нашите мисли се со храбриот народ на Украина.

За жал, се оствари она на што предупредувавме со месеци. И покрај сите повици Русија да го промени курсот и неуморните напори за барање дипломатско решение.

Мирот на нашиот континент е уништен. Сега имаме војна во Европа, од размери и од типот за кој мислевме дека припаѓаат на историјата.

Ова е тежок момент за безбедноста на Европа“, рече генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг рече дека Финска и Шведска, кои не се членки на НАТО, ќе бидат претставени на самитот на Алијансата во петок.

„Ова е намерна, ладнокрвна и долго планирана инвазија.

И покрај многубројните лаги, негирања и дезинформации, намерите на Кремљ се јасни за светот да ги види“, рече генералниот секретар на НАТО.