НАТО не ги коментира препукувањата околу сертификатите


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска има времен сертификат за да може да биде ефективна на функцијата, а чека постојан

Иако кај нас по ваквите одбивања се прават филмови за шпиони и други високобезбедносни драми, информациите за ветинг процесот на НАТО покажуваат дека најчеста причина за недавањето на сертификатите е многу прозаична – високите кредити или долгови на кандидатите за сертификати

 

Слободанка Јовановска

НАТО не ги коментира политичките препукувања во Македонија околу безбедносните сертификати. Од Алијансата за „Независен“ порачаа дека ние самите ги воспоставуваме процедурите за безбедносните дозволи и дека таа наша заложба да се испочитуваат стандардите на НАТО се ценат од нивна страна.

„НАТО силно ја поддржува заложбата на Северна Македонија за почитување на безбедносните стандарди на НАТО, вклучително и кога станува збор за проверка на персоналот за безбедносни дозволи. Стандардите на НАТО бараат сеопфатна проверка со специфични барања за одредени позиции. Националните власти се одговорни за воспоставување на сопствени процедури во однос на безбедносните дозволи, затоа би ве упатиле на властите во Северна Македонија за каков било коментар“, ни изјави портпаролката на НАТО, Јоана Лунгеску.  

Тоа, секако, нема да ја запре политичката хајка кој добил а кој не, и кој воопшто е неопходно да добие безбедносен сертификат потврден од Брисел. Според она што се дознава, Македонија отишла прешироко со барањето на безбедносните дозволи и, кога тоа било утврдено, барањата биле преполовени. Кој сѐ е опфатен со овој список не се кажува, но одговорноста за неговото составување ја има Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации на Македонија.

Освен министерката за одбрана и претседателот на државата, реално не е неопходно сите членови на Владата да имаат ваков документ за личен пристап до доверливите документи на Алијансата. Ако се следи логиката кај нас, бугарскиот претседател Румен Радев не би требало да има ваков сертификат, бидејќи целата кампања во Бугарија против него се заснова на фактот дека е наклонет на Русија, додека министерот за одбрана Красимир Каракачанов е уште поексплицитен пример бидејќи има директна комуникација со НАТО, а важи за бивш соработник на тајната служба на Бугарија од поранешниот систем со врски во КГБ. Самиот факт дека потпишува договори за купување американски воени авиони, што се сметаат за доверливи во рамките на НАТО, во Бугарија е потврда дека има безбедносен сертификат, покрај тоа што учествува на највисоките состаноци на Алијансата.

Во поновата историја на НАТО всушност не се памети некој премиер или министер да бил вратен од состанок на високо ниво зашто не добил безбедносен сертификат, иако тоа е главен услов за пристап до класифицираните информации од Алијансата. Македонија не е уникатна ни во однос на бројот на одбиени сертификати, ни во однос на нивото на тие што биле одбиени, според она што е познато како информација. Така, началник на Генераштаб во Бугарија исто така не добил ваков сертификат, а во 2017 година му бил одземен веќе даден сертификат на член на кабинетот на претседателот Румен Радев. Вкупно, од 2003 до 2009 година дури 613 лица во Бугарија не добиле безбедносен сертификат за пристап до документи на НАТО.

Бугарските медиуми пишуваа дека министерот за одбрана, Красимир Каракачов, бил соработник на тајната служба на поранешниот режим, па сепак е министер и нарачува воени авиони од САД

Во Хрватска се случи да му биде одземен безбедносниот сертификат на командантот на копнените сили Младен Круљац, кој го добил во 2009 година а го изгуби во 2011 година, откако беше уапсен непосредно по Денот на хрватската армија поради откриени малверзации со земјиште. Според хрватските медиуми, иако НАТО го одбил во 2007 година, тој сепак добил безбедносен сертификат од националните власти бидејќи по првичниот ветинг тој процес го водат земјите членки.

Она што неофицијално е можна причина за одбивањето на сертификатот на нашиот воен преставник, полковникот Зоран Секуловски, е српското потекло на неговата сопруга, односно можноста тоа да влијае на неговиот однос кон документите на Алијансата. Според официјалните критериуми на НАТО, генерал не треба да биде шпион за странска служба за да не добие сертификат, бидејќи релевантен ризик за нив е и да има сопруга странски државјанин со што е поголем ризикот да се најде под влијание на земја што не е членка на воениот сојуз.

Иако кај нас по ваквите одбивања се прават филмови за шпиони и други високобезбедносни драми, информациите за ветинг процесот на НАТО покажуваат дека најчеста причина за недавањето на сертификатите е многу прозаична – високите кредити или долгови на кандидатите за сертификати. Според логиката на НАТО, тие што се заглавени со долгови се поранливи за штетно влијание мотивирано од финансиски причини и за корупција, па проверката на банкарските сметки е задолжителен дел од давањето сертификати.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера во Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Процедурата за добивање сертификат може да трае до една ипол година, а информациите дека некој може да биде одбиен а да не знае за тоа (како со агреманите на дипломатите) не е точна, бидејќи секоја земја членка мора да води прецизна евиденција за тоа кој има безбедносен сертификат, а кој и кога е одбиен. Во зависност од нивото на тајност на документите во НАТО има шест вида безбедносни дозволи, односно три базични (confidential, secret, COSMIC top secret) и три паралелни кои се однесуваат на документите добиени од САД со додавка ATOMAL. Бидејќи НАТО не може и нема амбиција да менува членови на влада или државен врв, во регулативата за безбедносните сертификати има посебен дел што се однесува на нив и во кој стои:

„Пристапот до класифицирани информации на НАТО од страна на високи владини службеници (на пример, шефови на држави и влади, владини министри, членови на парламент и членови на судството) се утврдува со национални правила и прописи; Таквите високи владини функционери треба да бидат брифирани за нивните безбедносни обврски во однос на заштитата на класифицираните информации на НАТО“.  

Во регулативата на НАТО дури се предвидува дека, ако Владата сака да именува некого на функција која бара пристап до класифицирани информации на НАТО, а тој има државјанство на земја што не е членка, таа треба да гарантира за безбедноста на пристапот.

Како се прави безбедносната проверка и врз кои критериуми – е нешто за кое постојат цврсти критериуми и два прашалници. НАТО буквално води истрага за тие што треба да добијат сертификат, а согласноста да го прави тоа ја даваат самите кандидати. Тие всушност даваат согласност да им се проверуваат банкарските сметки дома и евентуално во странство, да им се следи кариерата минимум последните пет години до десет, каде живееле во тој период, што работеле и за кого, каде живееле и што работеле членовите на нивното најблиско семејство, дали работеле за странски служби, па и дали се дружеле со некои со контакти со странски организации или убедувале некого да шпионира во нечија корист. Дали учествувале или имале намера или план да учествуваат во тероризам (по тој критериум никој од тие што учествуваа во 27 април не може да добие сертификат), во саботажи, во бунт (по овој критериум многу од ВМРО-ДПМНЕ можат да сонуваат пристап до НАТО) и предавство, дали биле осудувани за било што (освен ако не се амнестирани), дали биле инволвирани во корупција и злоупотреби, дали им се веродостојни сите дипломи, дали имаат странски сметки, дали имаат финансиски долгови и дали се наклонети на коцкање, алкохол или дрога.

Во регулативата стои дека се проверува колку се лојални, колку се доверливи и колку може да им се верува, проценувајќи ги условите околу нив, но и нивните карактерни особини. Меѓу критериумите за оценка е и дали лицето некогаш фалсификувало документ особено од безбедносна тежина, дали е наклонет на сексуални излети, дали демонстрира во јавните настапи и генерално нечесност, индискреција, нелојалност и недоверливост, дали одобрил или учествувал во активности што се спротивни од безбедносните протоколи (како, на пример, прислушувањето), дали има ментална или друга болест што може да влијае и дали живеел во земја што може да влијае на неговото однесување.

ВМРО-ДПМНЕ и денес бараше министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ, да поднесат оставки бидејќи според нив не добиле безбедносен сертификат, а со тоа НАТО искажал недоверба во нивната работа. Според Владата, постапката за Спасовски сѐ уште трае, а за Маричиќ не е ни баран таков документ бидејќи не му е потребен како министер за правда. Од Владата исто така соопштија дека претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието добиле ваков документ, а министерката за одбрана Радмила Шекеринска има времен за да може да биде ефективна на функцијата, а чека постојан сертификат.

Досега, според она што беше соопштено, покрај кандидатот за воен претставник во НАТО, неговиот помошник и четири генерали на АРМ не го минале ветингот на Алијансата. Најголем дел од функционерите кои треба да добијат сертификати од НАТО се вработени во Министерството за одбрана, односно во АРМ и во Министерството за надворешни работи. Таков сертификат им следува и на оние лица кои учествуваат во нашата делегација во НАТО, односно работат на прашањата поврзани со НАТО, а тука влегуваат и безбедносните и разузнавачките структури.