НАТО ја гради најголемата воена база во Европа на Балканот


Романија ја започна изградбата на најголемата европска воена база на НАТО. Трансатлантскиот блок се обидува да ги зајакне своите способности во регионот на Црното Море.

Проектот вреден 2,7 милијарди долари ќе ја прошири 57-мата воздухопловна база „Михаил Когалничеану“ на романските воздухопловни сили, лоцирана во близина на пристанишниот град Констанца на Црното Море. Новиот објект ќе има периметар од речиси 32 километри, ќе се простира на околу 17 квадратни километри и ќе биде дом на околу 10.000 членови на НАТО и нивните семејства, пишува Newsweek.

Еуроњуз викендов објави дека се започнати работите на основната инфраструктура на базата, како што се пристапните патишта и електричната мрежа. На крајот, изградбата на неколку нови писти се очекува да ги поддржи операциите на различни видови воени авиони.

Николае Крецу, командант на воздухопловната база, рече дека ќе има „хангари за одржување, складирање гориво, муниција, опрема, авијациски технички материјали, симулатори, капацитети за хранење, сместување – сè што е потребно за поддршка на операциите и мисиите на оваа база.

Букурешт бара поблиска соработка со своите сојузници во НАТО, особено со САД, додека Црното Море станува сè понапорна сцена на конфликт меѓу Украина и Русија, како и меѓу Москва и нејзините западни ривали.

„Романија веќе се етаблира како сидро на источното крило на НАТО и ЕУ“, рече премиерот Марсел Чолаку во јуни. „Романија е и ќе продолжи да биде сигурен сојузник на САД кој е посветен на стабилноста и мирот во Централна и Источна Европа. Ние сме решени силно да придонесеме за трансатлантската заедница и непоколебливо да ги поддржуваме демократските вредности и основните права и слободи“, рече тој.