Наташа Сарџоска доби награда за поетско творештво на италијански јазик


Поетесата Наташа Сарџоска ја доби специјалната награда за поезија „Дон Луиџи де Лиегро“ за посебни заслуги за поетско творештво на италијански јазик во Рим овој месец.
Жири комисијата предводена од книжевните критичари, теоретичари и поети Мануел Коен, Ренато Фјорито, Лука Бенаси, Ана Марија Курчи, Фламинија Кручани, Рафаела Фацио и Микела Ѕанарела, покрај песните на десетина други италијански поети и поетеси, ги наградија и песните на Сарџоска напишани на италијански јазик. Сите наградени песни се објавени во антологијата на издавачката куќа Тера  д’Уливи Едициони.
Оваа награда се доделува веќе девет години и е под покровителство на Фондацијата Дон Лиегро, Владата на Италија, Општината на градот Рим, Регионот Лацио, а годинешното издание се одржа во палатата Пасарини Филети под покровителство на претседателот на Италија Серџо Матарела.
Наградата го носи името на Дон Луиџи де Лиегро, италијански свештеник, презвитер, хуманист, филантроп и активист, кој бил основач на Каритас Диочезана во Рим.