Наставниците во САД ќе можат да носат оружје во училиштата?


 

Американската држава Охајо планира да донесе закон кој им дозволува на наставниците и на другите вработени да бидат вооружени во училиштата откако ќе завршат 24-часовна обука.

Нацртот е финализиран 10 дена откако тинејџер со пушка изврши напад во основно училиште во Тексас во кој беа убиени најмалку 19 учениви и двајца наставници, пренесуваат американските медиуми.

Заговорниците на овој закон во Охајо се надеваат дека вооружените учители ќе ја намалат зачестеноста на вооружени напади во училиштата. Противниците на законот велат дека училиштата само ќе станат поопасни за децата.

Законот оваа седмица го усвои Собранието на Охајо под контрола на Републиканците.

Осмислен е за да ја ублажи минатогодишната пресуда на Врховниот суд на Охајо во која се наведува дека долгогодишниот државен закон бара од наставниците да завршат повеќе од 700 часа во програмата за обука пред да бидат вооружени во школските простории.

Заговорниците на законот велат дека тој ќе овозможи на наставниците и училишниот персонал да се соочат со вооружените напаѓачи, кои евентуално би влегле пред да дојде полицијата.

„Во итни ситуации во нашите училита, секундите се важни и трагедии може да се случат“, наведува во соопштението предлагачот на законот Томас Хол.

Вооружените наставници мора да поминат проверки да се утврди дали евентуално имаат криминално минато и да добијат осум часа дополнителна обука секоја година.

На законот се спротивставија од Здружението за образование на Охајо и Здружението на учители на Охајо, кои предлог-законот го означија како нагло решение и ризичен.

Според новиот закон, школските окрузи мора да ги известат родителите ако одлучат да пуштат вооружени наставници во школските простории.

Не е познато колку школски окрузи одлучиле да допуштат наставниците да бидат вооружени.