Наставничка од училиште во Аеродром меѓу уапсените дилери на амфетамини


Наставничка од ООУ „Александар Македонски“ во Аеродром, приведена е за дистрибуција на амфетамини, во голема полициска акција за сузбивање на дилери на дрога. 

– Утрово примив информација дека поради постоење основани сомневања за сторено кривично дело, припадниците на Министерството за внатрешни работи привеле наставник кој подолг временски период работи во основното училиште „Александар Македонски“, сподели градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Наставничката е уапсена после вчерашната голема полициска акција во Скопје при што приведена е поголема група улични дилери на дрога.

-Процесот на социјализација и едукација на дечињата не смее да се поврзува или да биде обременет со било каква нелегална активност која е во спротивност со законот, додаде Муцунски.

Полициската акција се однесувала на сузбивање група дилери осомничени за дистрибуција на амфетамини. 

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски денеска излезе со официјални детали за синоќешната голема полициска акција во која беа уапсени дилери на дрога, меѓу кои и една наставничка од основно училиште во Скопје.

-Вчера екипи на МВР извршија претреси на седум локации во Скопје, при што приведени се пет лица, пронајдена е лабораторија за производство на дрога, како и дрога вредна скоро половина милион евра, доколку биде продавана преку уличните дилери. Пронајдени се околу седум килограми амфетамин, еден килограм кокаин, 22 килограми марихуана, автоматска пушка калашников, куршуми, рамки за пиштоли и автоматска пушка како и списоци од лица кои купувале дрога и должеле за наплата на дрогата. Приведените лица имале изнајмени станови во центарот на Скопје, како и населбата Ѓорче Петров и сите се од главниот град, рече Ангеловски.

Тој потврди дека една од приведените е наставничка во основно училиште.

-Продавала надвор од работното време, информира портпаролот на МВР.