Настава со физичко присуство побарале пет тетовски училишта


Пет основни училишта во рамки на општина Тетово побарале согласност сите одделенија да одржуваат настава во училници со присуство на ученици од прво до деветто одделение. Тоа се училиштата „Реџеп Вока“-Шипковица, „Рилиндја“-Селце, „Беса“-Вешала, „Гоце Делчев“-Тетово и „Андреја Савески-Ќиќиш“-Тетово.

– Петте училишта доставија барања со образложенија дека ги исполнуваат условите и соодветниот број на ученици за одржување на настава со физичко присуство на сите ученици од прво до деветто одделение. Предлозите се доставени до Министерството за образование и одговорот ќе зависи по контролата на овие институции, изјави раководителот на секторот за јавно дејности при општината Ахмед Ќазими.

Тетовските училишта имаат голем број ученици и речиси сите останати надминуваат бројка од 500 ученици, со што немаат можност да организира наставата во објектите според протоколите.

-Општина Тетово е можеби најголемата по број на ученици и образовни институции, па така просекот на ученици во една паралелка е од 30 до 34 и речиси сите училишта имаат над 1000 ученици што е главниот фактор кој укажува како треба да се реализира наставата во време на пандемија. Имавме интензивни средби со советите на родителите, на учениците и наставниците, како и експертите од здравството во изминатиот период. Одржани се средби со сите директори на училишта, во објектите се работеше на инвестиците во летниот период и сите се технички и технолошки подготови за реализирање на настава согласно двата начини –онлајн и со физичко присуство на учениците. Професорите поминаа и курсеви за настава од далечина во соработка со Министерството и Бирото за развој на образование, посочи Ќазими.

Училиштата организираа и анкети со цел да се изјаснаат родителите за начинот на одржување на наставата.