Настап на Роман Симовиќ и „Профундис“ во Филхармонија


Фото: Б. Грданоски

Виртуозот Роман Симовиќ – концерт-мајстор на Лондонската филхармонија и камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе настапат денеска во големата сала на Филхармонија.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе четири години. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во земјава, Националната опера и балет и Националната филхармонија. Роман Симовиќ има настапувано во „Карнеги Хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“, салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, Операта во Тел Авив, салата „Викторија“ во Женева и многу други. Добитник е на престижни награди. Како солист настапува со водечки оркестри во светот.

Тој е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија. Има издадено бројни цедеа, но се издвојуваат четири на кои тој е уметнички раководител на гудачите на Лондонскиот симфониски оркестар снимени за ЛСОлајв, како и неговото цеде со Виолинските каприси од Паганини за соло виолина.

Влезниците за концертот „РОМАН“ се достапни во ограничен број преку продажната мрежа на МК ТИКЕТС како и онлајн (https://www.karti.com.mk/roman.nspx), по цени кои почнуваат од 500 денари.