Настан за работни места по мерка на семејствата и промоција на практикум во Стопанската комора
Здружението „Конект“ во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) денеска во Стопанската комора на Северна Македонија ќе го одржи настанот „Работни места по мерка на семејствата: размена на најдобрите приоди од компаниите шампионки“.
Како што се наведува во соопштението на Здружението, во рамки на програмата, компании од земјава и од Косово ќе ги споделат своите успешни практики за спроведување родово одговорни семејни политики на работните места.
Во воведниот дел поздравни обраќања ќе имаат вршителката на должност шефица на канцеларијата на УНФПА, Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, и извршната директорка на здружението „Конект“, Никица Кусиникова. Настанот ќе го модерира Ирина Хаџи Митова, проектна раководителка во „Конект“.
Во продолжение ќе се одржи панел-дискусија насловена „Мерки што даваат резултати: Разговор со водечки компании од Северна Македонија и Косово“, во чии рамки ќе биде промовирана и публикацијата „Работни места по мерка на семејствата: Практикум на мерки што функционираат“.
На панелот ќе дебатираат извршната директорка и сопственичка на „Комфи ангел“ (Comfy Angel), Ирена Јакимовска; помошник-директорката на Секторот за човечки ресурси при „НЛБ Банка АД Скопје“, Елизабета Саздовска; асистентката во „Фармахем“, Александра Петровска-Горин; експертката за човечки ресурси и авторка на практикумот, Ивана Дојчиновска-Стојановиќ; како и раководителката на Секторот за човечки ресурси во „ФИНКА Косово“ (FINCA Kosovo), Хана Салиху.
Како што посочуваат од „Конект“, во време кога стопанството се соочува со предизвици за привлекување и задржување на кадар, родово одговорните семејни политики се ефикасна алатка за јакнење на продуктивноста, задоволството на вработените и конкурентноста на работодавачите. Промовираниот практикум претставува практичен ресурс што ги сублимира искуствата, добрите практики, научените лекции и препораките од компаниите кои веќе ги применуваат овие модели.
Настанот се организира во рамки на проектот „Проширување на изборот преку политики за усогласување на семејните и работните обврски“, спроведуван од „Конект“ и УНФПА, а финансиски поддржан од Австриската агенција за развој.