Насловната на „Шарли Ебдо“ во центарот на вниманието: Нотр Дам гори на главата на Макрон


Симболот на Париз, катедралата Нотр Дам, изгоре во страшен пожар. Светските медиуми пишуваат за несреќата, а насловната страница на овој настан ја посвети и „Шарли Ебдо“.

Сатиричниот француски весник кој во центарот на вниманието дојде во јануари 2015 година по терористичкиот напад, со својата насловна страница повторно дојде во фокусот на јавноста.

Претседателот на Франција Емануел Макрон ја посети катедралата и вети дека легендарниот храм ќе биде повторно изграден.

„Шарли Ебдо“ ја искористи несреќата со цел да ги испровоцира Макрон и неговите политички потези.

На цртежот се наоѓа карикатура од францускиот претседател Макрон на кого од главата му излегуваат двете запалени кули на катедралата Нотр Дам, а новиот број од денеска може да се најде во продажба, само еден ден откако славната готска катедрала остана тешко оштетена во пожарот.

На црвената позадина со бели букви е напишан зборот „реформи“, а покрај Макрон стои облаче во кое пишува „Ќе почнам од рамката“, што се однесува на сетот мерки кои претседателот требаше да ги претстави во телевизиското обраќање откажано поради пожарот, како и фактот дека „рамот“ односно покривот на катедралата е целосно учиништен во синоќешниот пожар.

„Шарли Ебдо“ е познат по исмевањето на политичарите и другите јавни личности, но и редовно е на мета на критичарите поради цртежите за религијата, разните катастрофи и терористички напади, како во земјата, така и во странство.

Откако во 2015 година објавија карикатури за пророкот Мухамед, двајца вооружени исламски екстремисти влегоа во просториите на редакцијата и усмртија 12 лица, меѓу кои и некои од истакнатите карикатуристи на магазинот.