Наследникот на „Мекдоналдс“ во Русија работи со големи загуби


 

Мрежата на ресторани за брза храна „Вкусно – и точка“, која го замени „Мекдоналдс“ по заминувањето на американската компанија од Русија, се покажа како неисплатлива уште во првата година од работењето.

На крајот на 2022 година, компанијата „Система“, која работи со синџир ресторани, пријави нето загуба од 11,3 милијарди рубљи (146 милиони долари), пишува рускиот медиум „Прајм“, повикувајќи се на финансиските извештаи на компанијата. Вкупните приходи во споредба со 2021 година се намалени за 2,3% на 73,5 милијарди рубли (950 милиони долари).

„Споредувањето на показателите од 2022 година со 2021 година е неточно, бидејќи претпријатијата на мрежата не работеа од средината на март до јуни и постепено беа отворени до крајот на септември. Компанијата инвестираше многу во повторното отворање на претпријатијата, покрај тоа, сите ставки и услуги од менито не беа веднаш рестартирани, на пример, испораката“, соопшти прес-службата на компанијата, додавајќи дека резултатите од јануари-февруари 2023 година се повисоки од соодветните месеци во 2022 година.

„Мекдоналдс“ ги затвори своите ресторани во Русија по избувнувањето на војната во Украина, а во мај објави дека се повлекува од земјата и го продава својот имот. Бизнисменот Александар Говор стана купувач на синџирот ресторани. Според условите на договорот, тој не можел да го користи логото и менито на „Мекдоналдс“. Како резултат на тоа, мрежата се рестартира под името „Вкусно – и точка“. Првиот ресторан беше отворен во Москва на 12 јуни.

Одлуката за купување и рестартирање на мрежата не беше лесна, призна Говор. „Нашата цел е да ги одржиме квалитетот и услугата на кои гостите се навикнаа со текот на годините“, рече тој. Во исто време, тој нагласи дека ако нешто тргне наопаку, тогаш „за ова сме одговорни и ние“.

„Мекдоналдс“ ги процени загубите од напуштањето на Русија на 1,2-1,4 милијарди долари. Вкупната инвестиција на компанијата во Русија надмина 2,5 милијарди долари. Вкупно, во земјата работеа 847 ресторани во синџирот.