Наскоро виртуелна посета на археолошкиот локалитет Стоби за деца

Создадена новата мобилна апликација „Стоби Еду“, преку која децата ќе можат да го разгледаат културното наследство на археолошкиот локалитет Стоби.

-Апликацијата која наскоро ќе биде достапна за преземање ќе овозможи преку користење на мобилните телефони да се искуси посета во римскиот театар на Стоби и да се доживее минатото на еден сосема нов начин. Достапноста на новите технологии дава можност апликацијата „Стоби Еду“ да се користи и во рамките на самиот образовен процес. Апликацијата може да ја збогати наставната содржина во повеќе предмети во основното и средното образование преку интерактивно визуелно доживување на културното наследство, велат од Центарот за социјални иновации Блинк 42-21.

„Стоби Еду“ е резултат на соработката меѓу Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 и националниот Институт Стоби, а проектот се реализира со поддршка на Министерството за Култура на Република Северна Македонија.

-Самата апликација претставува продолжеток на заложбите да се внесат иновативни дигитални алатки кои ќе овозможат интерактивни и визуелни раскажувања на приказните од минатото. Користењето на новите технологии, како виртуелната реалност, овозможуваат еден сосема нов, уникатен начин за доживување на културното – историското наследство, велат од Центарот за социјални иновации Блинк 42-21.