Наскоро скрининг на раширеноста на корона вирусот кај учениците

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека ќе почне да се спроведува скрининг на учениците во основните и средните училишта во државата. Деновиве, како што напомена, методологијата за овој скрининг ќе биде детално презентирана.

-Следните денови детално ќе ја презентираме методологијата за скринингот за тестирање на учениците во основните и средните училишта. Факт е дека има тука одредена трансмисија, многу мала, меѓутоа сакаме да направиме скрининг на состојбата поради тоа што многу често децата се и асимптоматски носители, додаде Филипче.

Тој напомена дека станува збор за правење брзи антигенски тестови за Ковид-19. Детали за овој пристап, како што рече, ќе кажат следниве денови бидејќи, според министерот, ова бара одредена подготовка, во однос на согласност од родителите.

Министерот посочи дека вакциналниот пункт кој што функционира во УКИМ е добар модел.
 
-Ние разговаравме на состанок со сите ректори да видиме дали може да го испромовираме дополнително процесот на вакцинација кај студентите, тие со свои механизми во делот на својата автономност на функционирање на универзитетите да го промовираат моментот, рече Филипче.