Наскоро обвинение за „Рекет“


 

Првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, кој е познат во јавноста како Боки 13, вчера напладне од затворот во Шутка, со полициска придружба, беше однесен во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција каде што требаше да даде исказ. Но обвинителката која го води случајот, Вилма Русковска, ги изненади и него и неговиот бранител, Сашо Дуковски, кога им предаде известување дека истрагата за рекетот со Орце Камчев е завршена. Јовановски за неполн еден час од Обвинителството беше вратен во затвор, а неговиот адвокат излезе и соопшти дека Боки 13 не ја кажал целата вистина за случајот бидејќи му било дадено известување дека истрагата е завршена, а тој не видел ниту еден доказ против него.

„Не е во ред во истиот момент кога вие немате поим кои се основите за сомневање, кои се доказите против вас, да ви се дава известување за завршена истрага. Ова во историјата на македонското правосудство не се случило. Во ист ден да се донесе решение за завршена истрага и да се бара да се даде исказ на осомничен кој претходно ниту еднаш не бил известен за основите на сомневања и за доказите против него. Ние не се браневме со молчење, ќе дадеме исказ, но видете ја нашата позиција и повредата на правото на одбрана. Ние не гледаме на кристална топка кои се доказите што стојат против осомничениот“, изјави Дуковски.

Јовановски, по пет месеци од отворањето на истрагата и по повеќе од два месеца откако беше уапсен, првпат е повикан во Обвинителството да даде исказ. Сега одбраната има рок од 15 дена да направи увид, односно да ги види сите докази што ги има Обвинителството против него, па потоа да се договори нов термин кога да даде исказ. Одбраната почнува да прави увид во доказите од среда и оттаму најавуваат дека и тие ќе предложат докази.

Од Обвинителството велат дека адвокатот Дуковски не побарал увид во доказите, за разлика од адвокатката на Катица Јанева, Ирена Фрчковска, која веќе го направила тоа.

„Не може да земеш полномошно за застапување и да не се јавиш да се заинтересираш. Од друга страна бараат еднаквост на оружјето, а ништо не преземаат“, велат од Обвинителството.

„Обвинителството укажува дека давањето исказ на осомничено лице не е процесно дејствие, што подразбира дека одбрана, односно исказ, може да се даде и во законски утврдениот рок кога се врши увид во доказите“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Во соопштението Обвинителството соопштува дека по повеќе од два месеца ја завршило истрагата за случајот кој предизвика политички земјотрес познат како „Рекет“.

„По севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кој постапува во предметот познат во јавноста како „Рекет“, ја заврши истражната постапка за осомничените лица. Од денес тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените“, кратко соопштуваат од Обвинителството.

Денеска на пладне од затворот во Шутка во Обвинителството треба да биде донесена поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која е третоосомничена во случајот „Рекет“. Нејзината адвокатка Ирена Фрчковска не сакаше да коментира дали ги известиле дека истрагата е завршена, само кратко изјави дека по распитот би требало да има повеќе информации. Јанева беше во Обвинителството и даде исказ за случајот „Рекет“ како сведок, а следниот ден беше уапсена. Денеска би требало да даде исказ во Обвинителството како осомничена.

Извори од СЈО потврдуваат дека Јанева викендов испратила уште едно рачно потпишано писмо до СЈО и побарала парите од „црниот фонд“, кои ги собирале заеднички да и ги дадат бидејќи немала пари да ја плати одбраната. Нејзината адвокатка вчера се видела со неа, но тврди дека не разговарале воопшто за ова. Според неофицијалните пресметки, Јанева месечно земала плата од 100.000 денари, но сепак сега тврди дека нема да си ја плати одбраната.

Јанева заврши во притвор под сомнение дека ја злоупотребила службената положба, односно влијаела да му биде олеснета положбата на бизнисменот Орце Камчев, кој за возврат му исплатил 1,5 милион евра на Јовановски. Парите во два наврата ги зеле осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец. Првата транша од 500.000 евра им била исплатена од сопругата на Камчев, Ана Камчева, додека тој бил во притвор. Втората, од еден милион евра, им била искеширана во домот на Камчев на 20 февруари во чанта „луј витон“.

Обвинителството тврди дека поседува несоборливи докази дека од парите Јанева добила на подарок предмети и мебел во вредност од 298.000 денари (околу 5.000 евра). За овој случај досега на распит беа бизнисмените Силјан Мицевски, Зоран Азманов и Ардијан Амзоски, водителката Лила Филиповска, пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Агапи Дика. Сослушани беа и Лиле Стефанова, Бурим Рустеми и Елизабета Јосифовска од СЈО.

Другиот дел од истрагата се однесува на измамите со изградбата на старечки домови, за кои бизнисмени како Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски наседнале и инвестирале првиот околу 700 илјади евра, Амзоски околу 200 илјади евра, а биле рекетирани и други, како Зоран Азманов и други, но не уплатиле ни евро. Телевизија 1 ТВ, каде што Јовановски беше неформален сопственик и неговата организација имаа огромна поддршка од актуелната власт, но засега според официјалните информации доказите не водат кон политичарите. Ова допрва треба да се докажува.

По завршувањето на истрагата, наскоро би требало да биде поднесено обвинение, но засега не се соопштува дали Обвинителството ги нашло парите.

 

Боки 13 постојано повраќал

Адвокатот Сашо Дуковски, кој го застапува првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, алармира дека неговата здравствена состојба е многу лоша и животозагрозувачка. По операцијата за стеснување на желудникот што ја направил за да ослаби, тој имал две неуспешни операции за подврзување на тенкото црево. Во затворот во Шутка постојано повраќал, но не го носеле секогаш во болница, туку во амбуланта му давале обична инфузија.

„Нека се смеат владетелите на правото дека можеби е бремен, но Јовановски не е добар“, вели Дуковски.

Тој неколкупати со полиција беше носен во Ургентниот центар, а според неофицијални информации, Јовановски операцијата за стеснување на желудникот ја правел во „Систина“, приватна болница во сопственост на Орце Камчев.

Фросина Факова-Серафиновиќ